
Запрена е истрагата за шестмина полициски службеници и началници кои беа осомничени за кривичното дело „предизвикување општа опасност“ во предметот за трагичниот пожар во кабарето „Пулс“ во Кочани, дознава Телма.
Според одлуката на Обвинителството, утврдено е дека нивните службени овластувања не биле поврзани со контрола на противпожарните мерки, туку исклучиво со сообраќајната безбедност и паркинг-просторот на објектот. Поради тоа, тие повеќе не се гонат за смртните последици од пожарот, а евентуалната одговорност може да се разгледува само во рамки на кривичното дело „злоупотреба на службената положба“.
Во образложението на обвинителската одлука се наведува дека, согласно Законот за угостителска дејност, полицијата во конкретниот случај имала надлежност да врши проверки само во делот на заштитата на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
Како последица на ваквата одлука, Кривичниот суд во Скопје ги укина мерките за претпазливост за дел од осомничените, кои претходно поминаа и еден месец во притвор.
Истрагата за пожарот во „Пулс“, во кој животот го загубија 62 лица, а над 210 беа повредени, и натаму продолжува и опфаќа околу 20 други полициски службеници. Паралелно со тоа, веќе е започнат судски процес против 35 лица и три компании, меѓу кои се сопствениците на објектот, тројца поранешни градоначалници на Кочани, двајца поранешни министри, како и повеќе инспектори.

