Утрински Весник
Македонија

Стопанската комора алармира дека блокадите на границите ќе ја урнат економијата

Stop.webp.webp

Проблемот со примената на правилото 90/180 дена за професионалните возачи во товарниот патен транспорт, поврзан со евиденцијата на влез и излез на граничните премини согласно EES системот, треба да се решава исклучиво преку институционален дијалог, а не со блокади на граничните премини. Ова е ставот на Стопанската комора на Северна Македонија, која предупредува дека ваквите мерки можат да предизвикаат сериозни последици за економијата, не само во земјата, туку и во целиот регион на Западен Балкан.

Од Комората истакнуваат дека блокадите не можат да бидат решение, бидејќи нарушувањето на протокот на стоки на граничните премини со Европската Унија, дури и за само еден ден, а не седум дена како што се најавува, ќе предизвика штети кои нема да ги почувствуваат само транспортерите во меѓународниот патен сообраќај, туку сите деловни субјекти вклучени во надворешнотрговската размена.

Во овој момент, велат од СКСМ, невозможно е прецизно да се утврдат размерите на загубите, бидејќи тие ќе произлезат по повеќе основи пенали за задоцнета испорака, откажување договори, намалено или запрено производство, нереализиран извоз, како и недостиг на суровини за навремено производство. Сепак, извесно е дека штетите би биле од големи размери и дека вакво сценарио не е во интерес на ниту една страна.

Минатата недела, Стопанската комора на Северна Македонија, заедно со стопанските комори од Западен Балкан, упати заеднички апел до претседателката на Европската комисија, со кој побара земјите-членки да усвојат привремени мерки што ќе им овозможат на професионалните возачи непречено извршување на меѓународниот патен транспорт, сè додека не се воспостави трајно и системско решение.

Според Комората, ваквиот пристап би бил во заеднички интерес и на Европската Унија и на Западен Балкан, би испратил јасен сигнал за посветеност на интеграцијата на регионот и би придонел за зачувување на функционалните синџири на снабдување. Сегашниот начин на примена на EES системот, како што се наведува, не е во согласност со целите на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и тешко може да се усогласи со напорите за постепено интегрирање на регионалните економии во Единствениот пазар на ЕУ.

Комората потсетува дека економиите на Западен Балкан, како земји кандидати за членство во Европската Унија и целосно опкружени со ЕУ граници, треба да имаат корист од поедноставена и диференцирана примена на EES режимот, што ќе го одрази нивниот статус на партнери во процесот на пристапување.

На крај, од СКСМ нагласуваат дека Европската Унија е најважниот извозен пазар за Северна Македонија, со повеќе од три четвртини од вкупниот извоз, поради што од стратешки интерес е да се зачува стабилноста на синџирите на снабдување и да се обезбеди непречен проток на стоки.

Можете да прочитате

Февруари во Кинотеката: Тивки гласови, силни приказни и филмот како чин на сеќавање

„Децата ни изгореа, а вие зборувате за небрежност“ – таткото на загинатата Надица со жестока порака до адвокатката Коцевска

Полициска акција во Аеродром – Апсења, дрога и одземен мотоцикл