Утрински Весник
Скопје
300x250 opst2

„Стоп за Вардариште“: Видливи се првите конкретни резултати — одлучивме привремено да ги прекинеме блокадите

Vardarishte.jpg
300x250 opst2

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“, непартиска и целосно независна
иницијатива составена од жители на општините Аеродром и Гази Баба, сака да ја извести
јавноста дека нашиот долготраен труд и упорност конечно вродија со плод.

На 8 октомври 2025 година одржавме конструктивен состанок со претставници на
надлежните институции, на кој беше прифатен поголемиот дел од нашите барања. Веќе
следниот ден започнаа првите активности за санација на Вардариште, што
претставува значаен чекор кон конечно решавање на овој повеќегодишен еколошки
проблем.


Усвоени и ветени мерки
На состанокот, институциите ветија имплементација на следните конкретни мерки:
● Обезбедување на Вардариште од сите четири влеза — два ќе бидат под постојан
полициски надзор, а останатите два целосно затворени.
● Поставување видео-надзор, чија содржина нема да биде јавно достапна, но како
иницијатива ќе имаме увид во материјалите заради транспарентност.
● Почеток на процесот на хумано иселување и згрижување на лицата кои
престојуваат таму, што ќе биде формализирано со одлука на следната седница на
Владата.
● Започнато чистење на депонијата, најнапред од површинскиот шут, а потоа ќе
следи темелна санација во три фази:
1. Првата – веќе во тек,
2. Втората – интензивно чистење по завршување на изборите,
3. Третата – ревидирање на постојната физибилити студија и почеток на
долготрајно ревитализирање на просторот.
● Продолжување на забраната за движење на лицата во тој простор сè додека
трајно не се реши проблемот.
Одговорен прекин на блокадите
Со оглед на тоа што веќе се видливи првите конкретни резултати — поставени камери и
блокирани влезови — одлучивме привремено да ги прекинеме блокадите, но активно
ќе ја следиме имплементацијата на мерките. Доколку институциите не постапуваат
согласно ветеното, повторно ќе ги активираме граѓанските блокади.

Благодарност
Искажуваме искрена благодарност до сите граѓани кои во изминатите 40 дена беа со
нас — на дожд, на сонце, со срце и верба во промени.

Посебна почит до постарите сограѓани кои со своето присуство, дури и на ниски
температури, го покажаа вистинскиот пример на граѓанска храброст.

Благодарност и до медиумите кои ја пренесуваа нашата борба, како и до полицијата која
професионално го овозможи нашето право на протест.

Граѓанска одговорност и иднина
Овој процес ни покажа дека граѓаните, кога се обединети, можат да донесат реални
промени. Нашата одговорност беше огромна — да останеме независни, без никакво
партиско влијание, и да докажеме дека гласот на народот има сила.

Често слушавме изговори од граѓани кои не се приклучуваа на протестите – дека
протестите се или ќе станат партиски, или дека „ништо не се постигнува со
протестирање“. Со својот пример покажавме дека без партиски структури, со чесна
намера и истрајност, може да се постигнат резултати и да се промени односот на
институциите.

Веруваме дека со ова отвораме полесен пат за сите идни граѓански иницијативи кои ќе
се борат за своите права, за почиста животна средина и за поодговорни институции.

Продолжување на борбата за чист воздух
Една битка за чист воздух е добиена, но борбата продолжува.

„Стоп за Вардариште“ ќе поддржи секоја искрена, чесна и непартиска иницијатива што ќе
се залага за чист воздух, достоинство и здрава иднина за сите нас.

Со заедничка волја, храброст и упорност, покажавме дека и
Вардариште може да стане симбол на промена, а не извор на
загадување.

Можете да прочитате

Ѓорѓиевски ветува дека за 72 часа ако стане градоначалник на Скопје ќе го реши проблемот со сметот

Меџити: Културата, стратешки столб за развој на Чаир и оживување на Старата Чаршија

Мециновиќ: Градот мора да им служи на граѓаните не на партиите