Првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на неговата посета на Обединетото Кралство изјави дека Путин направил грешка кога наредил воен напад врз Украина.
„Претседателот Путин направи неколку големи грешки кога ја нападна Украина, стратешки грешки“, изјави Столтенберг пред новинарите собрани пред домот на британскиот премиер на Даунинг стрит.
Столтенберг тврди дека првата грешка била потценувањето на храброста на Украинците и нивната посветеност да се борат и да ја заштитат својата земја. Тој го наведе потценувањето на способноста на членките на НАТО да ѝ дадат силна поддршка на Украина како втора грешка на Путин. Нагласи дека поддршката за Украина ќе продолжи, без разлика што има и такви што не се согласуваат со продолжување на помагањето на Украина.
„Она што го видовме е дека сојузниците и партнерите на НАТО ѝ дадоа поддршка, без преседан на Украина. Oна што го гледаме во анкетите, политичките пораки од разни земји сојузници на НАТО, е дека сме подготвени да продолжиме да даваме поддршка сѐ додека е неопходно“, заклучи Столтенберг.