Годинава 18 од 31 земја членка на НАТО се очекува да потрошат најмалку 2 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пренесе Си-ен-ен. -Тоа е уште еден рекорден број и шесткратно зголемување од 2014 година, кога само тројца сојузници ја исполнија својата цел“, рече Столтенберг, пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се кандидира да учествува во изборите во ноември, го отвори повторно прашањето за одбранбените трошоци на земјите членки на НАТО минатиот викенд. Според него, Русија може да прави што сака со секоја земја-членка на НАТО која не ги исполнува насоките за трошење за одбрана. Столтенберг во понеделникот, пак, рече дека ваквите коментари го зголемуваат ризикот на европските и американските војници. -Секоја сугестија дека сојузниците нема да се бранат меѓусебно ја поткопува целата наша безбедност, вклучително и онаа на САД, и ги става американските и европските војници во зголемен ризик, рече Столтенберг. Шефот на НАТО во средата призна дека критиките за членките кои не трошат доволно е порака што е пренесена од последователните администрации на САД, но и тоа дека европските сојузници и Канада треба да двојат повеќе од буџетот за одбранбени цели. За подобро споделување на тој товар, членките на НАТО пред една деценија ветија дека ќе ги зголемат трошоците за одбрана на 2 отсто од БДП за секоја земја. Во меѓувреме, германското Министерство за одбрана соопшти дека неговиот буџет за 2024 година во врска со трошоците за одбрана ќе го достигнат прагот од 2 отсто за првпат од почетокот на 1990-тите. Како целина, европските сојузници на НАТО се очекува да потрошат 2% од нивниот заеднички БДП за одбрана.