Мобилизацијата на илјадници дополнителни војници што ја најави рускиот претседател Владимир Путин ќе доведе до ескалација на конфликтот во војната во Украина, а неговата закана за употреба на нуклеарно оружје беше опасна и непромислена реторика, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Столтенберг за „Ројтерс“ изјави дека првата руска мобилизација по Втората светска војна не е изненадување и дека постапките на Путин покажале „дека војната не оди според неговите планови, што укажува дека рускиот претседател направил многу погрешна проценка“.
Се истакнува дека Путин повикал 300.000 резервисти да се борат во Украина и го поддржал планот за анексија на делови од земјата, сигнализирајќи му на Западот дека е подготвен да употреби нуклеарно оружје за да ја одбрани Русија.
„ Ќе се обидеме да ѝ објасниме на Москва точно како ќе реагираме, што секако зависи од тоа какво сценарио ќе креираат или какво оружје можат да употребат“, рече генералниот секретар на НАТО.
Тој додаде дека најважно е тоа да се спречи.
„ Затоа на Русија ѝ е насочено вниманието на последиците без преседан“, нагласи Столтенберг, мислејќи на каква било руска употреба на нуклеарно оружје.