Утрински Весник
Свет

Столтенберг: Безбедносната ситуација на Западен Балкан се уште е кревка

Img 8367

НАТО смета дека безбедносната ситуација на Западен Балкан се уште е многу кревка, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, нагласувајќи дека постои потенцијал за тензии во Косово и во Босна, пренесува РСЕ.

На заедничката прес-конференција со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, во седиштето на Алијансата во Брисел, Столтенберг ја повтори загриженоста поради зголемувањето на тензиите и насилството на северот на Косово во текот на минатата година.

Тој го осуди минатогодишното избивање на насилство во Косово и укажа на брзата реакција на НАТО, која „распореди дополнителни 1.000 војници и оклопни возила“, објавено е на веб-страницата на Алијансата.

Столтенберг истакна дека НАТО е „посветен да обезбеди КФОР да продолжи да го исполнува својот мандат од ОН“.

НАТО го зголеми своето присуство во Косово со илјада дополнителни војници по нападот на вооружена група Срби врз косовската полиција кај селото Бањска во северно Косово на 24 септември минатата година.

Тој, исто така, потврди дека НАТО продолжува да ја оценува потребата од натамошно прилагодување на своето присуство во Босна и Херцеговина.

„Пораката е дека сите страни треба да се воздржат од запалива реторика и дека мора да се почитуваат територијалниот интегритет и меѓународно признатите граници на Босна и Херцеговина. Тесно соработувавме со Европската Унија и во Босна, а сега всушност работиме заедно на терен. Но, ние го поддржуваме и нашето воено присуство на Косово. Дијалог со посредство на ЕУ е единствениот начин да се најде трајно решение“, рече генералниот секретар на НАТО.

Осврнувајќи се на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, генералниот секретар рече дека „влегувањето на Шведска во НАТО ќе ја направи целата Алијанса посилна“. Тој му се заблагодари на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за брзото потпишување на неодамнешната ратификација на членството на Шведска во Алијансата во турскиот парламент и рече дека со нетрпение ја очекува ратификацијата од Унгарија веднаш штом нејзиниот парламент повторно ќе се состане.

Можете да прочитате

Биткоинот достигна рекордни 98.000 долари

Руте итно заминува кај Трамп

Бебето кое исчезна од породилиштето во Виена е пронајдено мртво во корпа за ѓубре