Парламентарното мнозинство повторно едно зборува, а сосема друго прави. Лицемерството на власта и колегите пратеници од мнозинството, како што видовте предмалку, доби уште една потврда, обвини пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
„Колегите пратеници од мнозинството денес повторно го одбија нашиот предлог за зголемување на средствата за субвенциониран оброк за студентите од 120 на 160 денари. Уште еднаш покажаа дека не се грижат за студентите и дека оној таканаречен договор од пред два дена беше само театар и пиар-обид на власта за ќарување евтини политички поени.
Исто така, колегите од власта денес го одбија нашиот предлог-закон за директна помош за граѓаните преку поврат на дел од ДДВ, односно популарно наречен „Викенд без ДДВ“. За нас како пратеничка група е тотално нејасно зошто ова е неприфатливо за мнозинството, иако и самите знаат дека е одличен предлог за колку-толку да се ублажат последиците од кризата во која тие нѐ доведоа.
По којзнае кој пат, пратениците од мнозинството денес одбија и не го прифатија нашиот предлог-закон за акцизите со кој што веднаш и драстично ќе се намалат високите цени на горивата. Одбивајќи го овој предлог, тие директно удираат врз џебот и семејниот буџет на граѓаните. Но, очигледно тоа нив не ги засега.
И четвртиот предлог-закон, кој мнозинството денес го одби, е Законот за личниот доход, односно одложување на прогресивното даночење за кое ние велиме дека воопшто не е време. Иако нивната даночна политика досега се покажа како катастрофална, тие упорно не отстапуваат од неа и не престануваат да го празнат џебот на граѓаните“, изјави Стојановски.
Според него, власта наместо во овие тешки услови за живеење, кога инфлацијата е меѓу највисоките во Европа, кога цените на горивата се ултрависоки и кога граѓаните и компаниите едвај врзуваат крај со крај, навистина и искрено да им помогне на граѓаните и стопанството, тие, како што вели, без око да им трепне одбиваат да ги слушнат потребите, барањата и проблемите на граѓаните.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата упатува силна порака до власта дека нема да отстапи од заложбите и борбата за подобар живот за сите граѓани и дека ќе продолжи да предлага законски решенија, кои ќе значат олеснување на граѓаните во секојдневната борба со проблемите, порача Стојановски.