Џулија Вендел, која тврди дека би можела да биде Медлин МекКен, девојката која исчезна во 2007 година во португалскиот Алгарве, ги доби резултатите од ДНК-тестирањето. Анализата покажа дека таа сепак не е исчезнатото девојче, пишуваат британските медиуми.
Вендел претходно на „Инстаграм“ го отвори профилот @iammadeleinemcann и тврди дека таа би можела да биде малото британско девојче кое исчезна во Португалија пред повеќе од 15 години. Тврди дека слушнала нешто од баба и’ и си поврзала дека би можела да биде Меди. Таа покажа и два докази за своите тврдења – бенка на ногата и точка во окото. Во прилог на нејзината приказна, таа изјави и дека не се сеќава на своето детство.
Одговарајќи на прашањата поставени од некои следбеници, девојката рече дека не се сеќава дека била киднапирана, но и дека не се сеќава на повеќето детали од нејзиното детство. Постојано повторуваше дека само сака да добие шанса да направи ДНК тест.
„Мирор“ пишува дека девојката има 21 година, а Медлин би имала 19 години, но таа тврди дека можеби не ни знае колку години има.
„Мислам дека можам да бидам Медлин. Треба да направам ДНК тест. Инспекторите од Полска и Англија ме игнорираат. Затоа ќе ја раскажам мојата приказна овде. Помогнете ми“, пишува таа на Инстаграм. Очигледно, ДНК тестот покажал дека Џулија сепак не била Меди.
Во изминатите години имаше и други девојки кои тврдеа дека се Медлин.
Малата Медлин МекКен во 2007 година исчезна додека беше на одмор со семејството во Португалија. Германското обвинителство го именуваше Кристијан Брукнер како осомничен за киднапирањето во средината на 2020 година, но не беше покренато обвинение. Германскиот обвинител Ханс Кристијан Волтерс рече дека по собирањето докази, неговиот тим истражители е 100 отсто убеден дека Брукнер ја убил Меди.
Брукнер (45) негираше вмешаност во исчезнувањето на Меди, која беше извадена од креветчето додека семејството беше на одмор во Португалија.