Утрински Весник
Македонија

Ставен под контрола пожарот на депонијата „Краста“ во кумановско

Pozar 3.webp.webp

Ставен е под контрола пожарот на депонијата „Краста“ кој избувна попладнево, соопштија денеска надлежните од јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ и од Територијалната противпожарна единица Куманово.

Во моментов пожарот е локализиран, но е префрлен на левата страна кај каменоломот.


– Годинава првпат има опожарување на депонијата. Сите индиции покажуваат дека најверојатно станува збор за самозапалување во долниот дел. Со оглед на сметот кој се депонира во горниот дел, тоа беше олеснителна околност опожарувањето е во долниот дел каде има сува трева која се потпалила. Екипите на „Чистота и Зеленило“ со својата механизација како и со интервенција од страна на ТППЕ Куманово, успеаја да го локализираат пожарот, спречено е да се прошири кон горниот дел, но пожарот се префрли на другиот дел кај каменоломот, изјави директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Екипите на комуналното претпријатие го затрупуваат со земја тој дел. Стојановски жали што граѓаните вдишувале од чадот, укажувајќи дека сметот кој се депонира се меле и се затрупува со земја.

Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски, кажа дека во моментов пожарот на депонијата е локализиран, но дека две екипи на противпожарната единица интервенираат на левата страна од депонијата каде гори сува трева.

Депонијата „Краста“, лоцирана на регионалниот пат Куманово-Пчиња претходниве децении беше причина за негодување и револт на мештаните на Пчиња кои произведуваат раноградинарски производи.

Преку проект, предвидено е депонијата да стане претоварна станица од каде ќе се изнесува сметот до најавената регионална депонија за североисточниот и источниот регион.

Депонијата „Краста“ функционира од 1958 година и зафаќа површина од 12,5 хектари. Тука се складира сметот на градот со над 100.000 жители. Дневно на депонијата се изнесува од 120 до 150 тони смет.

Можете да прочитате

Филипче: Владата сака да биде најдобриот ученик, а за сега има само единици по сите предмети

СДСМ во Скопје ќе настапи со свој кандидат, ќе се знае до крајот на јули – во игра се Ралев и Шукова

Пешевска: Со измените на Кривичниот законик се решава вековната борба за ставање под контрола на семејното насилство