Утрински Весник
Македонија

Старо ветување, нов министер: Лога вети дека за месец ќе заврши дискриминацијата на Јанкулоска и затвореничките

Старо ветување, нов министер: Лога вети дека за месец ќе заврши дискриминацијата на Јанкулоска и затвореничките

Старото ветување дека дискриминацијата на Гордана Јанкулоска и затвореничките во „Идризово“ ќе биде минато, го повтори и новиот министер за правда, Кренар Лога. Тој е дециден дека ќе се постапи по препораката на Комисијата за спречување од дискриминација, па жените затворенички ќе ги уживаат истите права како мажите затвореници. Лога посочи дека работната група работи и решение за 30 дена ќе има.

dobivaj vesti na viber

„Јас верувам дека во тек на еден месец ќе имаме решение соодветно за тоа прашање“, рече Лога, а на брифингот со новинарите го објасни процесот на работа: „Првата недела имаме информации, втора конструкција, за месец дена барам решение. Не само за оваа проблематика, туку за сите работни групи. Тоа е начин на работа“.

Пред Лога, дискриминацијата во затворот по основ на пол требаше да ја реши неговиот претходник Никола Тупанчески кој го отпочна процесот со формирање на работна група – но исход немаше. И разрешениот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски кажа дека тоа е важен процес и дека Правилникот кој ги ограничува правата на затвореничките ќе биде променет, за што даде рок до февруари. Ова не беше испочитувано од министрите за правда, кои се задолжени за носење на правилникот.

Претходно, Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје каде издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичката од женски пол. Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење на дел од погодностите на осудените лица, пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкции, е наведено меѓу другото во извештајот од Комисијата. Од таму појаснуваат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање.

Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг и адвокат, Влатко Илиевски, очекуваат државата веднаш да го промени правилникот за „Идризово“ за жените затворенички да имаат исти права и привилегии како и мажите. Адвокатот Илиевски посочува: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“. Тој очекува Гордана Јанкулоска да ги добие правата што ѝ следуваат.

Можете да прочитате

МВР: Лишен од слобода 43 годишен родител на фудбалер, по инцидентот на натпреварот меѓу пионерските екипи на „Шкупи“ и „Брегалница“

Костова со осуда на инцидентот во Штип: Бебзедноста крахира, Тошковски да си даде оставка!

Интервју со Тасевски: Македонското небо без контролори, за пет години 40 од нив можат во пензија, нови нема