
Безбедноста и здравјето на патниците се клучен дел од работата на кабинскиот персонал, но стјуардесите сè почесто предупредуваат на една навика што многумина ја прават несвесно – одење боси или само во чорапи до тоалетот во авионот. Според нив, ова однесување не е само нехигиенско, туку може да претставува и здравствен ризик, пренесува HuffPost.
„Тоа е сосема нехигиенско“
„Патниците постојано одат до тоалетот боси или во чорапи“, изјави за HuffPost стјуардесата Елизабет Реган. Таа вели дека ова предизвикува непријатност кај персоналот, бидејќи никој не може со сигурност да знае што има на подот.
Слично мислење има и Хилари Кларк, директорка на услуги за време на лет во приватната авиокомпанија Planet 9. „Доста е загрижувачко да се видат патници кои влегуваат боси во тоалет. За време на обуката научивме дека течноста на подот често не е само вода“, вели таа. Реган заклучува: „Тоа е апсолутно нехигиенско“.
Кои се здравствените ризици?
Авионските тоалети, како и сите јавни тоалети, можат да бидат жаришта на бактерии. Иако поголемиот дел од нив не претставуваат сериозна закана за здрави возрасни лица, ризикот сепак постои.
„Тоалетите во авионите ги користат многу патници, а површините што често се допираат се контаминираат со различни патогени“, објаснува д-р Далија Филипс, специјалист по заразни болести. „Одењето бос ги изложува стапалата на бактерии, вируси и габи, кои можат да навлезат во организмот преку мали рани или гребнатини“.
Како побезбедно да го користите тоалетот во авион?
Хилари Кларк советува дека одењето боси до тоалет „секогаш треба да се избегнува“, а како најдобра опција предлага носење чевли или барем влечки. Д-р Филипс додава дека дури и чорапите се подобра опција отколку директен контакт со подот.
Д-р Гонзало Берман од Одделот за заразни болести на VCU Health нагласува дека авионските тоалети „генерално не се поопасни од другите јавни тоалети“, но дека хигиената е клучна. „Најважно е темелно миење и дезинфекција на рацете по користењето на тоалетот“, вели тој.
Експертите дополнително препорачуваат затворање на капакот од шолјата пред пуштање вода, за да се намали ризикот од таканаречениот „тоалетен облак“ – микроскопски честички кои можат да пренесуваат инфекции. Корисни се и хартиени капаци за штица, избегнување допирање на лицето, користење средство за дезинфекција и хартиени крпи при отворање и затворање на вратите.
Пораката на стјуардесите и лекарите е јасна: удобноста за време на летот е важна, но не по цена на хигиената и здравјето.

