Сојузот на синдикатите на Македонија поднесе предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите за 78 отсто.
Тие упатија отворено писмо до пратениците со кое бараат измени на член 11 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата.
„Сојузот на синдикатите на Македонија изминатиот период апелираше до сите избрани и именувани функционери и им укажуваше дека несвојствено, нелогично и нечовечки е толку драстично да се зголемат платите на функционерите особено во време кога работниците, граѓаните и пензионерите се соочени со справување со последиците од економската, здравствената и воената криза, зголемените трошоци за живот – инфлацијата, големиот раст на Синдикалната минимална кошница која ги отсликува само основните потреби на едно четиричлено семејно домакинство и тоа само за преживување.
Укажувавме дека фукционерите наместо да мислат на ранливите категории на граѓани, работниците и пензионерите размислуваат единствено за себе и за своите потреби и си овозможија без реални и оправдани причини за својот ангажман и работење, енормно зголемени плати за 78% наеднаш, а што не е познато ниту во нашето опкружување ниту пак во друга држава во светот. Ние синдикалците и граѓаните не гледаме испорачани резултати од страна на функционерите на планот на подобрувањето на општествениот и економскиот развој, ниту пак видовме зголемен ангажман и зголемена продуктивност на функционерите за 78% за потоа да добијат ваквото енормно зголемување на платите од 78%“ се наведува во отвореното писмо што Сојузот го упати до пратениците.
„Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10% од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе и затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво.
Како пратеници, Ве замолуваме едногласно да ја прифатите иницијативата предложена од ССМ и да ја спроведете постапката за измени и дополнување на Законот во најкус рок“, се додава во писмото на Сојузот.