Безбедноста во сообраќајот, иселувањето на младите и врсничкото насилство се темите на кои ќе дискутираат средношколци од неколку градови во земјава на годинашната еднодневна работилница во Собранието насловена „Млад франкофонски парламент“ , едукативна активност „Имам став!“. Како што информира собраниската прес-служба, едукативната активност „Имам став!“ всушност е симулација на процесот на разгледување предлог-закон во Собранието. Со тоа, како што се наведува, се стимулираат учесниците да развиваат сопствени ставови за актуелни политички теми, кои ќе ги бранат со аргументи пред останатите учесници. Целта е да се најде решение кое ќе биде прифатено и поддржано од мнозинството учесници.
Работилницата е подготвена по примерот на едукативната активност „My Point of View“, што ја организира Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација.
Целта на оваа едукативна активност е приближување на работата на Собранието на Северна Македонија и процесот на донесување закони до младата популација, што ќе придонесе за развивање на нивната свест за демократијата и ќе ги поттикне и подготви за општествена и политичка критичност и вклученост. Настанот, практично, им овозможува на овие ученици од средните училишта да бидат пратеници на еден ден, во процесот на донесување на одлуки.
Минатата година, промовирајќи ја првпат оваа активност на француски јазик, Секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, преку овој уникатен настан, се приклучи кон прославата и одбележувањето во франкофонскиот простор ширум светот на Месецот на франкофонијата.
Едукативната активност „Имам став“ успешно се спроведува повеќе години наназад во Собранието на македонски и на албански јазик, во организација на Парламентарниот институт.
Оваа година, три групи учесници ќе дебатираат на актуелни теми на француски јазик.
Во првата група се гимназиите од Скопје – „Орце Николов“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ на тема: „Безбедност во сообраќајот“.
Во втората група се гимназиите од Битола и Неготино на тема: „Иселувањето на младите“, а во третата група се гимназиите од Тетово и од Куманово на тема: „Врсничко насилство (булинг)“.
Како што е најавено, поздрави обраќања ќе имаат претседателот на Собранието на Северна Македонија Јован Митрески, францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер, амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман Марти и Абдула Салиу, претседател на Секцијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Франкофонијата. На настанот се поканети амбасадорите франкофони акредитирани во земјава, претставници и дипломати од МНР, претставници на меѓународни организации и на Министерството за образование и наука, како и гости од Францускиот институт во Скопје.
Работилницата ќе се пренесува во живо на интернет страницата на Собранието sobranie. mk.