Утрински Весник
Економија

Средба со академската заедница: Соработка на Народната банка и академската заедница за унапредување на знаењата, податоците и истражувачката работа

Sredba Vo Nb So Akademskata Zaednica.jpg

Народната банка активно работи на постојано унапредување на статистичката функција и на целокупната инфраструктура потребна за истражувачка активност и за носење квалитетни одлуки. Соработката со академската заедница може да придонесе за подигнување на квалитетот на истражувачко-аналитичката работа во земјата и да овозможи размена на знаења, искуства и вештини.  Ова беше истакнато на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и нејзиниот тим и претставниците на академската јавност во земјава, академикот Љупчо Коцарев, професорите Александар Стојков и Димитар Коцарев и претставникот на студентската заедница, Димитар Пешевски.

На средбата беше разговарано за можноста за користење на статистичките податоци, коишто ги изготвува централната банка, за развивање платформа преку која академската заедница прави обид за утврдување на комплексноста на извозните производи и услуги. Ова е со цел да се извлечат заклучоци и предлози за носителите на политиките за зголемување на ефикасноста и подобрување на конкурентниот профил на извозниот сектор. На средбата, исто така, беа посочени можностите за конкретна соработка помеѓу научната заедница и централната банка во однос на примената на новите технологии, како машинското учење и вештачката интелигенција во економската анализа, истражувачките активности и за целите на статистиката. 

Гувернерката на Народната банка искажа поддршка за иницијативата на академската заедница и истакна дека таа ѝ е значаен партнер на централната банка. Таа нагласи дека заложувајќи се за постигнување највисоки резултати во спроведувањето на своите цели и задачи, Народната банка го исполнува највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус. Притоа, истакнува дека централната банка постојано ги унапредува опфатот и фреквенцијата на објавите на статистичките податоци, применувајќи практики за зајакнување на транспарентноста, преку редовна комуникација со известувачите и со корисниците на статистичките податоци.

На работната средба, двете страни изразија интерес за заемна соработка и поддршка на конкретни аспекти поврзани со економските податоци, истражувачката работа и примената на најновите технологии во овие области.

Можете да прочитате

Ангеловска-Бежоска за МТВ: Пристапувањето во СЕПА ќе донесе заштеда од половина милијарда евра за земјите од Западен Балкан

УЈП: Преку „меки“ мерки и соработка кон подобрување на даночната усогласеност

Трет ден расправа за ребалансот на Буџетот