Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија, Жолт Бунфорд.
Двајцата соговорници се осврнаа на динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу двете пријателски земји во изминатите три децении, како и на одличната билатерална соработка во бројни сектори, со посебен акцент на економскиот план.
Фокусот на разговорите беше ставен на европската перспектива на земјите од регионот и на принципиелната и континуирана унгарска поддршка во овој контекст, која особено дојде до израз за време на претседавањето на Унгарија со Советот на Европската Унија. Упатувајќи благодарност за недвосмислената и силна поддршка на Унгарија и вложените напори во поддршка на нашата европска интеграција, министерот Муцунски ја нагласи посветеноста на Владата за продолжување на европскиот пат преку исполнување на значајни реформи на домашен план и одговорно дејствување на меѓународната сцена.