
Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос.
Соговорниците ја нагласија силната поддршка за проширувањето на Унијата, и од страна на земјите членки и од страна на граѓаните на Северна Македонија – што го потврдуваат и наодите од последниот „Евробарометар”.
На средбата беше поздравен реформскиот пристап на Владата, особено исполнувањето на обврските од реформскиот процес и имплементацијата на Планот за раст. Министерот Муцунски нагласи дека реформите поврзани со евроинтеграциите остануваат високо на домашната политичка агенда, со силен фокус на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Министерот изрази благодарност за личниот ангажман на еврокомесарката Кос во пристапниот процес, особено во контекст на нејзиното учество и поддршка на Самитот за Планот за раст, што неодамна се одржа во Скопје.
Соговорниците разменија мислења и за неодамнешното приклучување на државата кон СЕПА, како и за иницијативата за постепено укинување на роаминг трошоците помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува на почетокот на 2026 година, како дел од бенефитите на постепената интеграција во Унијата.
На средбата се дискутираше и за актуелните регионални и глобални случувања, при што беше потврдена заедничката поддршка за Украина и заложбата за што побрзо постигнување на праведен и одржлив мир.