Утрински Весник
Економија

Средба Ангеловска-Бежоска – Николовски: Унапредување на меѓуинституционалната соработка и дигитализација на процесите 

Sredba Nb Cu.jpg

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, денеска остварија средба во Народната банка, на која се дискутираше за досегашната соработка помеѓу двете институции и за понатамошните активности за нејзиното продлабочување. Во фокусот на разговорите беше понатамошната дигитализација на процесите на двете институции, особено поврзани со обезбедувањето податоци преку Системот за обработка на царинските декларации и акцизни документи (СОЦДАД), коишто се основа за составување на дел од надворешните статистики. На состанокот беше истакната важноста на меѓуинституционалната соработка во повеќе области, со посебен акцент на процесот на размена на податоците и информациите и потребата за зголемување на ефикасноста преку поголема дигитализација.

„Преку заокружување на проектот за користење на податоците од Царинската управа од страна на Народната банка преку современи веб-услуги, ќе се придонесе кон поефикасен систем на прибирање, изгoтвување и објавување на статистичките податоци”, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска. Притоа, на средбата беа нагласени предизвиците од новите технологии и постојаната заложба за подобрување на дигиталниот профил на работата и процесите на двете институции, за што голем придонес имаат заедничките активности, соработка и проекти.

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, истакна дека соработката со Народната банка е од големо значење во борбата со организираниот криминал.

„Потребно е да ја зајакнеме и подобриме институционалната соработка, преку размена на податоци. Од аспект на државните интереси за жестока борба со криминалот, следењето на текот на парите особено во делот на меѓународните трансакции е клучно”, вели Николовски.

Можете да прочитате

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена

Годишен раст на зелените кредити од 7,4 % заклучно со септември 2024 година

Конференција „Управување со недостигот на работна сила во одредени занимања во Северна Македонија“