Рускиот претседател Владимир Путин долго време се бореше да проектира слика за својата непобедливост преку неговите добро познати мачо ПР трикови и агресивни тврдења за улогата на Русија на светската сцена.
Но, според „Дејли Бист“ од средата, кој се повикува на рускиот независен медиум „Верстка“, рускиот лидер сè повеќе се плаши за својот живот. Тој е толку загрижен за евентуалниот атентат врз себе поради последиците од инвазијата на Украина што одбива да отпатува надвор од земјата, пренесува „Јутарњи лист“.
Изворот, за кој „Верстка“ наведува дека е висок руски функционер, вели дека впечатокот „зад кулисите на Кремљ“ е дека Путин е претпазлив кога станува збор за патување каде било и дека „нема чувство дека е безбеден“. Според извештаите, последните настани ја зголемиле паранојата на рускиот претседател.
Меѓу нив е и налогот за апсење издаден во март од Меѓународниот кривичен суд во Хаг (МКС) под обвинение за воени злосторства – за депортација на украински деца во Русија – и поради мистериозните напади со беспилотни летала во близина на Москва и беспилотни летала над самиот Кремљ. Сомнежи има и против групата Вагнер и нејзиниот шеф Евгениј Пригожин, според кои тие планираат државен удар против Путин.
Напади со беспилотни летала во вторникот погодија предградие на руската престолнина каде живеат истакнати членови на општеството, а Кремљ соопшти дека повеќето од беспилотните летала биле пресретнати од системи за противвоздушна одбрана. Еден извор откри за руските медиуми дека Путин бил во резиденцијата во моментот на нападот и бил разбуден од безбедносните службеници.
This is a video of the alleged drone attack against the Kremlin 🇷🇺. I have some serious question marks. Is it really realistic – if the drone was from far away – that no air defence could have intervened until right above the Kremlin itself? pic.twitter.com/WYRdaHPf5g
— Carl Bildt (@carlbildt) May 3, 2023
Дмитриј Медведев, заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност и поранешен руски претседател, изјави дека нападот со беспилотно летало врз Кремљ во мај е украински обид да се убие Путин, што Украина го негираше.
Филип Инграм, поранешен офицер на британската воена разузнавачка служба, изјави за „Бизнис инсајдер“ дека Путин долго време е обвиен во низа сложени безбедносни слоеви и дека ситуацијата со неговата изолација изгледа се влошува. Тој исто така вели дека паранојата на Путин станала уште поизразена за време на пандемијата на Ковид, кога живеел во балон на виртуелна изолација.
Инграм истакнува дека стравувањата од нов атентат значат дека Путин живеел во изолација додека контактирал само со неколку блиски соработници кои го опсипувале со лажни информации прилагодени на неговите предрасуди, пренесува „Јутарњи лист“.
Неодамнешните настани, наведува тој, „ќе продолжат да ја зголемуваат неговата параноја“, па тој „ќе преземе уште посилни безбедносни мерки за уште повеќе да се изолира“. Инграм вели дека тие мерки вклучуваат употреба на телесни двојници и повеќекратни тестови за отрови на храната на Путин пред да му биде послужена.
– Неговата програма е многу внимателно контролирана. Неговите внатрешни телохранители се лојални до тој степен што ќе направат се за него – изјави Инграм.
Неговите коментари ги повторуваат оние на поранешниот безбедносен функционер на Кремљ, Глеб Каракулов, кој побегна од Русија во април затоа што се спротивстави на војната во Украина.
Во интервју за рускиот истражувачки сајт „Центар Досие“ тој зборуваше за зголемената изолација и параноја на Путин. Тој рече дека Путин патува во блиндиран воз и дека инсистирал на строги карантински мерки поради Ковид за оние кои тесно соработуваат со него.
– Рускиот лидер не користи ниту интернет, рече тој.
Инграм наведува дека изолацијата на Путин значи дека група блиски соработници го хранат исклучиво искривени информации, поради што тој носи погрешни одлуки. Ова, како што вели Инграм, „значи дека е во позиција каде што, ако му се презентира само она што сака да го слушне, неговото донесување одлуки постојано ќе биде сè повеќе погрешно“. Инграм ги посочува погрешните чекори на Путин за време на инвазијата на Украина како примери за лоша проценка.
Се очекуваше Путин да присуствува на самитите во Индија ова лето, како и на состанокот на БРИКС во Јужна Африка во август, но локалните извештаи велат дека неговото присуство е доведено во прашање поради загриженоста за налогот за апсење на МКС. Ројтерс пренесува дека јужноафриканските власти дури размислувале да го префрлат самитот во Кина.
Инграм истакнува дека Путин сака да се прикаже себеси како „меѓународен државник” што е потврден на глобалната сцена. Но стравот од атентат и чувството на параноја почнуваат да ја уништуваат таа слика.