Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ќе бара реакција од Јавното обвинителство по статусот на „Фејсбук“ на пензионираната професорка од Филозофскиот факултет, Виолета Ачкоска која објави дека средношколец бил отруен со дрога во пијалак, послужен во кафуле. Таа денес во полициска станица објасни дека нема информации за настанот, дека објавата ја направила откако за тоа и кажале ученици, а сфатила дека направила грешка откако почнале да ја бараат новинарите, па го избришала статусот.
Министерот Спасовски денес ја потсети јавноста дека доколку некој има податоци за некое кривично дело, треба да ги сподели со истражните органи, а не на „Фејсбук“. За професорката Ачкоска најави дека ќе бара да постапува Обвинителството.
„Во врска со овој случај ние ќе поднесеме поднесок до Јавното обвинителство и ќе бараме да има реакција на Јавното обвинителство бидејќи не може во ниту еден момент да изнесуваме податоци и информации кои предизвикуваат страв, неизвесност и паника во јавноста без да се базираат на какви било факти и податоци. Ќе се консултираме со јавниот обвинител за да прецизираме за кое кривично дело ќе одговара, но мора да има реакција“, рече министерот Спасовски по потпишувањето на меморандумот за соработка со Државниот инспекторат за труд.
Тој апелираше сите да бидат одговорни за јавно изречените зборови, а посебно луѓето со интегритет и повика да не се шират шпекулации поврзани со смртта на средношколецот како оние од вчера дека имало повеќе починати средношколци во Градски парк која МВР ја демантираше.
„Упатувам апел до јавноста да бидеме навистина одговорни бидејќи, верувајте нема ништо повредно од животот на еден човек, посебно од животот на еден млад човек. Мислам дека вакви трагични ситуации со кои се соочуваме не треба да бидат дел од никакви пресметки. Дали се тоа политички, дали се некакви други пресметки и сметам дека посебно треба да внимаваат луѓето кои се сметаат себе си со висок интегритет. Знаете, да излезете во јавноста и да кажете дека заради ставање дрога во пијалак починал некој средношколец, при тоа некој на тоа да не реагира е многу сериозно обвинување кое го имате“, рече министерот Спасовски.
Објавата на професорката Ачкоска на „Фејсбук“ во вторникот, предизвика лавина реакции, коментари и споделувања пред да ја избрише, вчера попладне.