Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, учествуваше со свое обраќање на онлајн-состанок на Европската мрежа за миграција.
„Република Северна Македонија, како и повеќето европски земји, е изложена на зголемена миграција во рамките на процесот на глобализација. Имајќи ги предвид миграциските текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој, се обидуваме на систематски начин да се вклучиме во европскиот глобален пристап за справување со миграциите и нивните предизвици. Во таа насока, задоволство ми е во овој момент да ја изразам подготвеноста на Република Северна Македонија за преземање на улогата на набљудувач во рамките на Европската миграциска мрежа“, истакна Спасовски, при што потсети дека Македонија беше првата земја на удар од мигрантската криза во 2015 година.
„Сепак, иако сме мала држава, со ограничени ресурси и капацитети, цврсто застанавме на браникот, успешно ја менаџиравме кризата и со тоа придонесовме за зачувувањето на благосостојбата не само на нашите граѓани туку и на целата европска почва. Нашите заложби во тој момент, па би рекол и до ден-денешен, се препознаени и истакнати како од Европската Унија така и од многубројни меѓународни организации. Сепак, ние сме спремни, стоиме на располагање да го споделиме нашето искуство со вас, сѐ со една и единствена цел – креирање успешна миграциска политика на ниво не само на Европската Унија туку на ниво на целиот европски континент“, рече Спасовски.
Спасовски потенцира дека барањето за приклучување кон Европската мрежа за миграција не претставува почеток на соработката, туку формализација на заедничкото работење, со оглед на тоа што веќе долго време се работи партнерски и се делат заеднички принципи за кои говорат резултатите што се постигнати.