
Спроведувањето на израелскиот план за преземање на контролата врз градот Газа на истоимената палестинска територија, каде што Израел војува речиси две години, се заканува да предизвика нова катастрофа што би се почувствувала низ целиот регион, предупреди денес високиот претставник на Обединетите нации (ОН), Мирослав Јенча.
Јенча, заменик-генералниот секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, на вонредна седница на Советот за безбедност на ОН за планот изјави дека во Појасот Газа се одвива хуманитарна катастрофа од незамисливи размери.
Тој рече дека преземањето на контролата врз градот Газа би можело да предизвика нова катастрофа низ целиот Појас, предизвикувајќи понатамошно присилно внатрешно раселување и убивање на цивили.
Израелскиот план беше остро осуден и од говорникот на отворањето, претставникот на Словенија во Советот за безбедност и поранешен министер за надворешни работи Самуел Жбогар.
Зборувајќи во име на Данска, Грција, Франција и Словенија, тој рече дека секој обид за анексија, проширување на воените операции и кршење на меѓународното право дополнително ќе ги изложи на опасност сите цивили во Газа, вклучувајќи ги и преостанатите Израелци кои се држат како заложници од милитантното исламистичко движење Хамас.