Утрински Весник
Македонија

Советот на Европа бележи раст на пренатрупаноста во европските затвори: Македонија со „умерена пренатрупаност“ 

Zatvor 880x600 1.jpg

Пренатрупаноста на затворите останува главен предизвик за една третина од европските земји, при што бројот на затвореници на 100 расположливи места за една година се зголемил од 93,5 на 94,9, се наведува во извештајот „Годишна казнена статистика на Советот на Европа“ (СПАЦЕ) објавен денеска. 

Во него се посочува дека во однос на состојбата во затворите, Македонија со 101 затвореник на 100 расположливи места е во групата на држави со „умерена пренатрупаност“, заедно со Хрватска (110), Ирска (105), Шведска (105), Унгарија (104), Азербејџан (103), Финска (103) и Турција (102). 


„Сериозна пренатрупаност“ е регистрирана во затворите во шест европски земји, меѓу кои „лидер“ е Словенија со 134 затвореници на 100 места, пред Кипар со 132, Франција со 124, Италија со 118, Романија со 116 и Белгија со 113. 

Близу до границата на пренатрупаност се и затворите во Шкотска со 100 и во Англија и Велс и во Србија со по 98 затвореници на 100 места. 

Според податоците на СПАЦЕ, на 31 јануари 2024 година во затворите во надлежност на 51 затворска управа во земјите членки на Советот на Европа имало 1.021.431 затвореници, што претставува просечна стапка на затворска популација од 105 затвореници на 100.000 жители. 

Врз основа на овој податок Македонија е на 15-то место со 143 затвореници на 100.000 жители. Најмногу затвореници „пер капита“ има Турција – 356 на 100.000 жители, пред Азербејџан со 264, Грузија со 261, Молдавија со 235, Полска со 202, Унгарија со 195, Албанија до 192, Чешка со 180, Словачка со 179 и Србија со 177 затвореници на 100.000 жители.  

Извештајот бележи и дека во периодот од 31 јануари 2023 до 31 јануари 2024 година просечната стапка на затворска популација во Европа се намалила од 116,2 на 115,1 затвореници на 100.000 жители. Во посочениот период Македонија бележи раст на бројот на затвореници за 0,2 проценти, при што помал раст од нас има само Украина со 0,1 отсто, додека осум држави бележат намалување на затворската популација. Сите останати европски земји имаат поголем раст на затвореници од нашиот. 

Најголем раст од дури 25,4 проценти има Словенија, пред Шведска со 15,5, Малта со 11,1, Србија со 9,4, Хрватска и Азербејџан со по 8,3, Италија со 7,8, Албанија со 7,5, Северна Ирска со 6,9, Белгија со 6,8 и Шкотска со 6,7 отсто. 

Над една четвртина од лицата задржани во европските затвори во периодот од 31 јануари 2023 до 31 јануари 2024 година биле во притвор. Во Македонија стапката на притвореници меѓу вкупниот број лица лишени од слобода изнесувала 12 проценти, што е повеќе од половина помалку од европскиот просек. 

Најголема стапка на притвореници од 58 отсто имa Албанија, пред Ерменија со 53, Црна Гора и Луксембург со по 47, Швајцарија и Холандија со по 46, Малта со 42, Хрватска со 41, Словенија со 40 и Северна Ирска со 39 проценти. 

Околу 16 проценти од затворениците во европските затвори биле странски државјани, при што и во оваа категорија земјава е при дното со 7,1 отсто затворени странци. Најмногу странци има меѓу затворениците во Луксембург дури 75 отсто, пред Швајцарија со 72, Кипар со 58, Грција со 54, Австрија со 53, Малта со 52, Каталонија со 50, Германија со 49, Словенија со 48 и Белгија со 41 проценти. 

Просечната возраст на затворениците во европските казнено-поправни установи била 37 години, при што во просек највозрасни затвореници имала Грузија со просечна возраст од 44 години, пред Италија, Португалија и Република Српска со по 42 и Естонија со 41 година. Во просек најмладата затворска популација имала Литванија од 32 години, пред Шведска и Каталонија по 34 и Данска и Франција по 35 години. За земјава нема податоци за возраста на затворениците.  

Процентот на жени меѓу вкупната затворска популација во Европа изнесувала 4,9 отсто. Во Македонија таа била под европскиот просек и изнесувала 3,8 проценти. Најмногу жени меѓу затворениците имало во Чешка – 8,8 отсто, пред Унгарија со 8,4 и Финска со 8 проценти, а најмалку во Албанија и Грузија со 1,4 и Хрватска со 2,1 отсто. 

Над една третина (33,6 отсто) од вкупниот број затвореници во Европа се осудени за насилни кривични дела, како убиства, сексуални прекршоци и напади, 16,7 проценти за престапи поврзани со дрога, 12,3 за кражби, 2,9 за сообраќајни прекршоци и 2,4 отсто за економски или финансиски криминал. 

Според раководител на истражувачкиот тим на СПАЦЕ, професорот на Универзитетот во Лозана, Марсело Аби, пренатрупаноста сериозно ги поткопува условите за живот на затворската популација и напорите за рехабилитација на затворските администрации.  

– Податоците за должината на затворската казна покажуваат дека пократките просечни периоди на притвор имаат тенденција да бидат во корелација со пониските стапки на затворската популација. Иако постојат исклучоци од овој модел, оваа врска ја истакнува важноста на времетраењето на казната, како лост за управување со пренатрупаноста во затворите, изјави Аби. 

Според него, покрај промовирањето алтернативни санкции на затворската казна, намалувањето на должината на казната, особено за ненасилните и за сторители на полесни прекршоци, може да биде моќна алатка за намалување на стапките на затвореници. 

Можете да прочитате

Изгаснат пожарот кај делчевско Стар Истевник, на границата со Бугарија

Каја Шукова кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје

Нормализирано водоснабдувањето во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“