
Преговорите меѓу САД и Русија во Саудиска Арабија завршија и беа успешни, изјави рускиот советник за надворешна политика Јуриј Ушаков, цитиран од светските агенции.
Преговорите во саудиската престолнина Ријад траеја четири и пол часа.
„На средбата, на која присуствуваа рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар на САД, Марко Рубио, се разговараше за условите за идната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин“рече Ушаков додавајќи дека е малку веројатно средбата да се одржи следната недела.
„Воден е сериозен разговор за сите прашања“изјави Ушаков.
Тој прецизираше дека има договор преговорите за запирање на војната во Украина да се водат преку посредници, но додаде дека Путин ќе одлучи кога да започнат контактите со САД за прашањата за Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска, за време на неговата официјална посета на Турција, ја истакна важноста на територијалниот интегритет на неговата земја и го повтори барањето на Украина за безбедносни гаранции.
„Како држава сакаме мир, сакаме крај на војната. Сепак, сакаме крајот на оваа војна да се заснова на одредени безбедносни гаранции. Очекуваме овие безбедносни гаранции да бидат обезбедени од САД, ЕУ, Турција и цела Европа“,рече Зеленски на свеченото отворање на новата зграда на украинската амбасада во Анкара.
Тој нагласи дека Украина никогаш нема да го загрози нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, нагласувајќи дека не може да дејствува спротивно на украинскиот Устав.
Зеленски, исто така, ја потврди посветеноста на Украина за враќање на окупираните територии преку дипломатија истакнувајќи:
„Не сакаме да го изгубиме нашиот народ – нашиот народ е нашето најголемо богатство“.