Директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Даријан Сотировски, на прашање да го коментира отворањето телевизија од страна на владиката Петар, рече дека очекува тој наскоро да ја запознае јавноста со деталите за влезот во медиумскиот бизнис.
„Во овој момент немаме детали каков концепт е запазен“, рече Сотировски.
За поздрав е, вели Сотироивски, доколку правото се искористи онака како што е предвидено во нашата правна рамка, но треба да видиме.
„Немаме се’ уште детали, јас очекувам субјектот којшто добил дозволи од Агенцијата за медиуми да излезе и да ја запознае јавноста, затоа што во еден момент тој треба и да и се обрати на јавноста, треба да емитува сигнал токму за јавноста“, рече Сотировски во одговор на новинарско прашање на настанот по повод формирањето на „Групата на пријателство“ помеѓу МПЦ-ОА и ИВЗ.
На барање од фирмата „Преобразба“, во сопственост на митрополит преспанско-пелагониски Петар, чие световно име е Петар Каревски, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) даде дозвола за отворање телевизиски канал со претежно забавен општ формат, кој ќе зрачи во регионот на скопското подрачје.
Владиката Петар досега ги нема коментирано плановите за телевизијата.