Утрински Весник
Економија

Соработка на Народната банка со Хрватската народна банка  за примена на сметководствените правила и финансиско известување на ЕЦБ неопходни за   интеграцијата во ЕСЦБ

Ssoopshtenie Sorabotka So Hrvatska Narodna Banka.jpg

Во рамките на Втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за натамошно зајакнување на капацитетите на централните банки од Западен Балкан, насочена кон исполнувањето на критериумите и условите за интеграција во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ), Народната банка ја заокружи реализацијата на билатералната мерка за запознавање со Правилата на Европската централна банка за сметководствено евидентирање и финансиско известување на ЕСЦБ. Во октомври 2023 година и март 2024 година, Хрватската народна банка оствари две експертски мисии во Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) како дел од потребните подготвителни активности за приспособување на сметководствената евиденција и финансиското известување коишто сега се водат согласно со Меѓународните  стандарди за финансиско известување (МСФИ) кон специфичните правила и стандарди на ЕЦБ (ECB Accounting Guideline).

Во периодот од 12 до 14 јуни 2024 година, дел од вработените од Дирекцијата за финансии, сметководство и контрола остварија студиска посета на Хрватската народна банка и имаа можност да стекнат практично искуство за процесот на сметководствено евидентирање и финансиско известување во рамките на ЕСЦБ. Во рамките на студиската посета се сподели искуството на експертите од Хрватската народна банка  и се продлабочи знаењето на експертите од НБРСМ за потребните подготвителни активности за воведувањето на сметководствените политики во согласност со Правилата за сметководствени политики на ЕЦБ, се разгледаа практични примери за спроведување на сметководствените политики, како и предизвиците во финансиското известување од влезот во Европската Унија, воспоставување управувачко сметководство, како и организацијата на Дирекцијата за финансии и сметководство и Дирекцијата за контрола.

Беа обработени повеќе области меѓу кои: сметководствената евиденција и системот на финансиско известување во Хрватската народна банка, законските решенија поврзани со капиталот и резервите, вреднувањето на позициите од билансите и нивното евидентирање во согласност со сметководствените правила на Европската централна банка и разликите во однос на Меѓународните стандарди за финансиско известување – МСФИ, развивањето софтверски решенија, како и процесот на паралелно водење на сметководството на двата начина и известувањето во периодот пред приклучувањето на Хрватската народна банка во евросистемот.

Стекнатите сознанија од соработката со експертите на Хрватската народна банка, кои безрезервно ги споделија своите знаења, искуство и воспоставените практики, се од големо значење за НБРСМ во процесот на спроведување на подготвителните активности за примена на Правилата за сметководствени политики на ЕЦБ.

Со оваа студиската посета се заокружи остварувањето на билатералната мерка за сметководствено евидентирање и финансиско известување на централните банки во рамките на ЕСЦБ, којaшто беше дел од Втората фаза од Регионалната програма финансирана од ЕУ за зајакнување на институционалниот капацитет на централните банки на Западен Балкан, која започна да се остварува во септември 2022 година. Оваа тригодишна програма ја спроведува Германската централна банка како нејзин координатор, во партнерство со деветнаесет национални централни банки на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската Унија (ЕУ) додели 3 милиони евра за програмата од својот Инструмент за претпристапна помош (ИПА III).

Можете да прочитате

Стојаноски: ВМРО-ДПМНЕ вети и оствари, 5000 денари покачување на пензиите од септември и март- Почнуваме

Ангеловска-Бежоска за НИН: Монетарната политика овозможи одржување на макроекономската стабилност во неизвесни кризни времиња

Почнува исплатата на пензиите, а еве кога ќе се зголемат