
На прес-конференција денеска СДСМ објави нови детали за истрагата околу пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Портпаролката на партијата Богданка Кузеска изјави дека Македонија се соочува со најголемата измама и обид за затскривање на вистината за најголемата трагедија која се случи во поновата македонска историја.
„Согласно јавно достапните податоци на Заводот за ревизија во списокот на донатори на политичките партии, како донатор на ВМРО-ДПМНЕ во кампањите во 2020, 2021 и 2024 година се сретнува компанијата „Салтировски Консалтинг” ДООЕЛ увоз-извоз Делчево.
Фирма чиј сопственик е сопругата на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски, Анита Салтировска. Освен донации од фирмата „Салтировски Консалтинг” ДООЕЛ увоз-извоз Делчево на списокот на донатори може да се најде и името на сопругата на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски, Анита која освен донации преку компанијата, вршела уплата на донации и од свое лично име.“ порача Кузеска.
Таа од прес-конференцијата упати и низа прашања до премиерот Христијан Мицкоски.
„Дали „Салтировски Консалтинг”, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип служела како фирма параван за прибирање на рекет од локалите кои биле изоставени од контрола на полицијата – како што бил примерот со дискотеката „Пулс”? Дали оваа компанија водела фиктивно сметководство за компаниите „Класик” ДООЕЛ и „ММММ” Дооел кои управувале со дискотеката „Пулс” на газда Деко? Дали со транши од Деко на „Салтировски консалтинг” ДООЕЛ од Делчево се исплаќал договорениот паушал за полициска заштита на „Пулс”? Дали „Салтировски Консалтинг” ДООЕЛ била вмешана и во скандалот „Делчевски Ниви” кој магично исчезна од судските процеси? Конечно, дали овие пари од Деко завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ?“ праша Кузеска.
Кузеска додаде дека ако навистина се тргнеле канџите на Мицкоски од Обвинителството, одговорноста за работењето на дискотеката „Пулс” ќе укажела директно на највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.