
Во Собранието се прават подготовки за одржување итна пленарна седница на која би се разгледале измени на Изборниот законик, дознава „360 степени“ од неколку извори од парламентот.
Иако седницата сè уште не е официјално закажана, според информациите таа би можела да се одржи уште утре, само неколку дена по распишувањето на локалните избори.
Измените се однесуваат на регулирање на прагот за собирање потписи за независни кандидатури за градоначалници и советнички листи. Предлогот, како што се дознава, предвидува воведување минимален праг од 0,95 отсто од вкупниот број запишани избирачи во општината или на ниво на Град Скопје. Тоа е за само 0,05 отсто помалку од прагот што неодамна Уставниот суд го укина како неуставен.
Зад ваквиот предлог наводно стојат пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и СДСМ, додека од ДУИ се против, образложувајќи дека измените не ги вклучуваат сите препораки на ОБСЕ-ОДИХР.
Подготовките за седницата се одвиваат во период кога пратениците официјално се на годишен одмор.
Од Државната изборна комисија (ДИК) деновиве соопштија дека по укинувањето на оспорените одредби од Изборниот законик од страна на Уставниот суд, непартиските кандидатури за градоначалници и советници ќе може да се поднесуваат без граѓански потписи, најавувајќи и носење посебно упатство на оваа тема.