Утрински Весник
Македонија

Собранието изгласа Декларација за фер, слободни и демократски избори

Sobranie.webp.webp

Собранието попладнево со 73  гласа „за“  и ниту еден „против“ изгласа Декларација за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите и за градоначалници на општините
и на Градот Скопје.

Декларацијата беше поднесена од претседателот на Собранието, Африм Гаши и координаторите на сите пратенички групи. Во неа, Собранието изразува надпартиско единство за одржување на фер, слободни и демократски избори што заедно со владеењето на правото и почитувањето на човековите права и основни слободи се основните столбови на демократското општество, а се залага за доследно почитување на уставното начело, граѓанинот своето избирачко право да го оствари непосредно, на слободни избори со тајно гласање, а најостро го осудува семејното и групното гласање, како можност за манипулирање со гласовите на граѓаните и влијание врз изборните резултати.


Собранието, исто така, ја потврдува својата заложба за општество со еднакви можности за учество во политичките процеси, во кое секој граѓанин преку развој на демократските процеси и институции има еднаква можност да учествува во одлучувањето, дава целосна поддршка на Државната изборна комисија и на другите органи и институции за организирање и спроведување на фер, слободни и демократски избори преку обезбедување услови за слободно изразување на волјата на граѓаните, без страв, притисок, дискриминација, закани или манипулации, како и целосна поддршка за обезбедување независно и ефикасно набљудување на целиот изборен процес, од страна на домашни и странски организации, здруженија и медиуми, согласно закон, правилата за набљудување на изборите на Државната изборна комисија и меѓународните стандарди.

Се укажува на потребата од фер и демократска изборна кампања, при што го нагласува значењето на политичката толеранција и почитта меѓу различните политички и идеолошки опции на учесниците во изборниот процес и во таа насока особено го осудува говорот на омраза, насилството и дискриминацијата, се укажува на значењето на медиумите и на медиумското претставување на учесниците во изборната кампања за промовирање на нивните кандидати, политики и ставови. Во оваа насока ја нагласува потребата од обезбедувањето фер пристап до медиумите на сите учесници во кампањата, а најостро ги осудува кампањите што шират дезинформации и невистини, со цел да се дискредитира некоја личност, институција, политичка партија или организација.

Собраниската декларација осудува и секаков облик на изборна корупција, злоупотреба за партиски цели на државни ресурси и институции, поткуп и уцени и било какво друго однесување на учесниците со кое може да се доведе во прашање почитувањето на демократските вредности и стандарди во целиот изборен процес.

Претседателот на Собранието Африм Гаши пред пратениците порача дека со Декларацијата Парламентот испраќа силна и јасна порака за обединување над партиските разлики  за изразување на силната волја да гарантираат слободни, фер и демократски избори.

– Оваа декларација која посакувам да ја усвоиме едногласно не е само формален чин, туку е израз за определбата на Собранието, на сите партии, и на сите пратеници, на нашите граѓани да им обезбедат еднакви и рамноправни услови за слободно да ги изберат своите претставници во општините и главниот град. Сакаме избори каде политичкиот натпревар ќе се одвива без инциденти и конфликти, без притисоци и страв, без омаловажување и навреди, туку во здрава демократска средина. Сакаме волјата на граѓаните да биде изразена јасно, слободно и чесно бидејќи само на овој начин изборите ќе иамат цеосен легитимитет. Само на овој начин волјата  на граѓаните целосно ќе се одрази во однос на тоа кој ќе ги претставува во следните четири години, рече Гаши.

Можете да прочитате

Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност во сообраќајот и за прекршоците

Николоски: Обвинителството да ги истражи злоупотребите што се правеле во АНБ и да ги процесуира одговорните

Левица ги промовира новите десет кандидати за градоначалници