
Со 68 гласа „за“ и 16 „против“, Собранието на Република Северна Македонија доцна синоќа го избра Трајко Славевски за нов гувернер на Народната банка.
Славевски е предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а неговиот избор беше поддржан од владејачкото мнозинство. Пратениците од СДСМ и Левица уште во текот на денот најавија дека нема да го поддржат кандидатот, обвинувајќи за политичко влијание врз една од клучните независни институции во државата.
Славевски до сега беше актуелен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, што, според дел од експертската јавност и опозицијата, претставува спротивност со Законот за НБРМ, кој забранува гувернерот и вицегувернерите да бидат членови на политичка партија.