Утрински Весник
Македонија

Собранието ги изгласа измените на Законот, ќе се плаќа ДДВ на пратките од „Тему“ и „Алиекспрес“

Screenshot 2025 11 19 100453.jpg

Собранието ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра.

Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, соопшти Министерството за финансии.

Спроведувањето на измените се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство.

Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените.

Оваа измена претставува значаен чекор во заштитата и развојот на домашната економија, особено во услови на интензивна глобализација и раст на дигиталната трговија.

Дополнително, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса и обезбедуваат фер и контролирана пазарна средина.

Трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи, а мерката ќе обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници.

Со усвојувањето на измените, државата испраќа јасна порака за поддршка на компаниите што создаваат додадена вредност, инвестираат во развој и отвораат нови работни места во земјата, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Можете да прочитате

Пронајден е Вечко Милановски – синот се заблагодари на сите што помогнаа во потрагата

Куче држано две години во мал бокс, без вода, само на сув леб и во неисчистен смет – АХВ и „Лајка“ го одзедоа од сопственикот во критична состојба

Тренчевска: Власта ги остави граѓаните сами, упорно бега од покачување на минималната плата на 500 евра