Утрински Весник
Македонија

Собранието ја донесе Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2044 година

Sobranie.webp.webp

– Одржлива, иновативна и конкурентна економија, одржлив локален и регионален развој што обезбедува кохезија, демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, зелена трансформација, владеење на правото и добро управување, се шесте клучни области на Националната развојна стратегија (НРС) за периодот 2024 – 2044 година што попладнево ја донесе Собранието со 70 гласдови „за“, еден против и ниту еден воздржан.

Стратегијата, како што беше речено, е водечки документ со кој се дефинираат главните национални развојни цели, стратешки области и приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на Република Северна Македонија. Донесена е со политички консензус и низ инклузивен процес во кој биле вклучени МАНУ, Владата, Собранието, академската заедница, експерти, граѓанскиот и бизнис секторот, како и политичките партии.

И додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дадоа целосна поддршка за донесување на Стратегијата, Белерем Беџети од ДУИ побара нејзино повлекување и корекции, повикувајќи се на актулените случувања со Уставниот суд. Реџеп Исмаил од Левица, пак, оцени дека НРС е историски промашена, методолошки неточна и идеолошки изгубена.

-Основната идеја на НРС е да овозможи континуитет во стратешкото планирање и конзистентен одговор на главните предизвици, без оглед на политичката ориентација. НРС е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на Република Северна Македонија, која во основа се темели врз три базични национални развојни цели: Зајакнување на конкурентноста на економијата преку функционален и иновативен екосистем, усовршување на вештините, знаењето, вклученоста и отпорноста на граѓаните, Модели на управување што се отворени, отчетни, сеопфатни и отпорни, способни да спречат и соодветно да реагираат, поттикнувајќи просперитет за сите општествени групи, како и Социјалната инклузија што подразбира подобрени социјални, здравствени и образовни услуги во насока на обезбедување корист за поединците, бизнисите и за општеството во целина, истакна заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, образложувајќи го текстот.

Според Лашковска, како стратешки и развоен документ, НРС ги идентификува клучните предизвици и државните приоритети, особено имајќи го предвид стремежот на земјава да се приклучи кон Европската Унијадо 2030 година, како и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030.

-Луѓето во Република Северна Македонија имаат висок животен стандард, реализирајќи се во економија што е одржлива, конкурентна и нуди еднакви можности за сите. Институциите се ефикасни, отчетни, одговорни, иновативни и отворени за учество на граѓаните. Заедниците во кои живееме се зелени, безбедни, отпорни на современите ризици и опасности, инфраструктурно поврзани и дигитализирани. Овие услови придонесуваат да се создаде основа за просперитетни млади, поединци што се задоволни, среќни, здрави и луѓе што активно стареат. Уметноста и културата се столбовите на нашето општество и придонесуваат за подобрување на колективната благосостојба и за меѓународната перцепцијата за државата. Нашата држава е активен и почитуван член на меѓународните организации и на регионалните иницијативи, каде што промовира вредности, норми и процеси што резултираат во подобрување на животот на сите луѓе, е визијата на Стратегијата.

Како што подвлече Лашковска, развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството се централни елементи и се основен предуслов за напредок во секоја стратешка област.

Фатмир Битиќи ги повика пратениците да го поддржат усвојувањето на Стратегијата.

-Одлуката за донесување на Стратегијата надминува политички поделби и лични амбиции и отвора врата за просперитиет и развој. Ова е повеќе од лична и политичка одлука, ова е момент кој бара зрелост одговорност и консензус. Над 14 000 граѓани од сите сфери и политички партии придоенсоа за создавање на документот. Ова не е Стратегија на една влада или една партија, туку од сите нас за сите нас. Овој документ успеа да ги обедини различните гласови и интереси. Ова е патот што ќе ја води земјава кон долгорочен развој. Покажуваме дека ги цениме различните мислења и дека сме заинтерсирани да ги интегрираме во заеднички план. Граѓаните очекуваат соработка, консензус и визија која ќе ги надмине тековните политички битки и поделби. Стратегијата овозможува да ги зачуваме различностите, но и да ги надминеме за заедничка цел. Консензуалното усвојување ќе има и доглорочни политички импликаци, нема да помогне само да ги решѓме економските предзвици, туку ќе ја зголеми довербата во нашиот политички истем. Докажавме дка сме способни за компромиси и соработка, а компромисиот не е слабост, туку е израз на политичка зрелост и одговорност, подвлече Битиќи.

Според него, НРС нуди решенија за иднината на нашата држава која ќе биде економски и еколошки посигурна за сите.

-Во Стратегијата лежат и вредности како инклузивност и солидарност, принципи со кои можеме да создадеме поефикасен и политички систем способен за дијалог дури и во време на поларизација. Сме сведочеле на политички несогласувања, но денес имаме можност да покажеме дека знаеме да направиме пресврт за прашања од суштинско значење. Докажавме дека можеме да работиме заедно и да ги надминеме партиските интереси, рече Битиќи.

И Димитар Ковачевски се согласи дека стратегијата е јасна визија за државата во следните две децени.

-Како ретко кој документ НРС ги опфаќа сите области. Натпартиски е, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен. Сите политички партии учествуваа во неговото изготвување, сите заедници и институции. Документот ги опфаќа најголемите економски, политички, социјални и еколошки предизвици со кои се соочуваме. Не е работен во странство, туку го изготивја наши институции со домашни експерти. За да се опфатат сите области, беа направени 24 тематски студии, се одржаа 50 работилници, учествуваа 60 пратеници учествуваа, процесот ја имаше поддршката на сите пратенички групи, подвлече Ковачевски.

Реџеп Исмаил од Левица укажа дека во Стратегијата недостасува ретроспективна анализа за да се види зошто се вакви состојбите во стратешките области какви што се. Скокаме, како што нагласи, директно на она што е „топ“ во светот, а не можеме да направиме функционален систем за дигитално вадење на личните документи.

-Не сум бил вклучен во изготвувањето на документот и со многу нешта во Стратегијата не се согласувам. Стратегијата не ги допира клучните проблеми на државата и нејзината унитарност. Фокус во економскиот дел се приватизацијата и странските инвестиции. Сакате силен јавен сектор, а промовирате приватизација. Тоа едно со друго не оди, обратно пропорционално е. Ќе дојде до дополнителна приватизација на ресурсите и ќе се доведе земјата во енергетска зависност, како и во зависност од други ресурси. Исто така, од каде децентрализацијата е добра работа? По децентрализацијата имаме нефунцкионални општини и загадени средини, а на Скопје, на пример, му е потребна итна централизација. Се вели и дека образованието ќе биде пазарно ориентирано. Значи, нема да ги образоваме нашите деца и студенти, туку ќе правиме работници за странските инвестиции и за индсутриските капацитети на европските држави, рече Исмаил.

Тој забележа и дека низ годините и со промената на владејачките гарнитури, содржините на стратегиите остануваат исти.

-Веројатно и оваа Стратегија е препишана, нема суштински план за подобрување на работите. Не знаев ниту дека е правена со учество на странски експерти, граѓани, невладини организации,… Тоа е типичен пристап на граѓанскиот, невладин сектор каде доволно е само да се покаже инклузивноста за да се оправдаат парите од странските финансиери. Очигледно таква е ситуацијата. Ваков документ треба сериозно да се обмисли и на него треба да работат сериозни луѓе, а не „ојлевци-дојлевци“ кои немаат врска со стратешки документи, истакна пратеникот на Левица.

За Беџети од ДУИ, Стратегијата требаше да биде образложена од премиерот и ресорниот министер.

– Да се повлече стратегијата, да се интеревенира во неа и да има корекции кои ќе дадат рефлексија на реалноста во земјата. Вака значаен документ, независно дали поминал низ инклузивен процес, бара сериозен пристап, да се дебатира од премиерот или министерот кој го води ресорот, тие треба да дадат објаснување. Требаше да дојдат, имајќи ја предвид сериозноста во која се наоѓаат државата и регионот. Стратегиите не можат да ги опфатат сите прашања, ние дебатиравме на Комисија, имаше обиди да се каже дека беше подготвена од претходната власт, но треба да се направи разлика и да бидеме прецизни зашто секоја власт има одговорност. Во оваа стратегија се зборува за 20-годишен период, а знаете какви најави има од Уставниот суд. Во Стратегијата има добри работи и амбициозни проекти, но во политичкиот контекст сега, Уставниот суд е во офанзива на укинување на законите кои се однесуваат на етничкиот карактер, истакна Беџети.

На ова реплицираше Лашковска.

-Се надевав дека координаторот на ДУИ и пратеничката група ќе го сменат мислењето зашто токму нивен пратеник беше учесник во изготвувањето на Стратегијата. Штета што не можат да покажат големина и широчина. Донесувањето ваков документ се злоупотребува, апсоултно не држи место да се спомнува Уставниот суд, да се спомнуваат работи кои се користат за дневно-политички препукувања. Оваа стратегија не е на една влада, туку на граѓаните и државата. И премиерот и министрите учествуваа во предлагањето и носењето на Стратегијата. Се надевам дека пратеничката група на ДУИ ќе се предомисли и ќе даде поддршка на овој значаен документ без разлика дали ВМРО-ДПМНЕ или некој друг ќе биде на чело на државата. Треба да се покаже големина зашто крајно време е државата да направи исчекор напред, потенцира Лашковска.

Беџети повтори дека како партија се вознемирени од, како што рече, последните случувања кои прават тектонски измени кога се во прашање меѓуетничките односи.

-Тука е нашата резерва, во актуелните политички случувања. Ние ги гледаме во целина работите и затоа апелираме да се интервенриа во овој дел, нагласи Беџети.

Пратениците на седницата ја донесоа и Програмата за спроведување на Националната развојна стратегија за периодот 2024 – 2028 година.

Можете да прочитате

СДСМ: Мицкоски повторно демонстрира лицемерие и паника по нашата консолидација

Директорот на затворот Шуто Оризари вели нема шанси Кешишев и Палчо да размениле писмо

Одбиени 10 амандмани на амадманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година