Лошите резутати ја поттикнаа лошата атмосфера во соблекувалната на Јувентус. Италијанскиот великан се наоѓа во длабока криза, што само го потврди синоќешниот пораз во Хаифа, од Макаби (2:0), во Лигата на шампионите.
„Ла Република“, објави дека ситуацијата во соблекувалната на Јувентус воопшто не е добра, и дека играчите биле поделени кога е во прашање тренерот Масимилијано Алегри. Некои играчи го поддржуваат и му остануваат лојални, но во мнозинство биле играчите кои мислат дека треба да добие отказ.
Војчех Шчесни, Хуан Куадрадо, Данило, Матија Перин и Матија Де Шиљо го поддржале својот тренер, според нив тој треба да остане на клупата. По дебаклот во Хаифа, поддршка на Алегри му даде и првиот човек на клубот, Андреа Ањели.
„Ла Република“, ги открива имињата на играчите кои сакаат Алегри да го напушти тимот. Мануел Локатели и Вестон Мекени го покажале своето незадоволство, но и Анхел Ди Марија и Леандро Паредес исто така не биле задоволни од тоа како Алегри го води тимот.
Според овој извор уште двајца играчи кои го засилија тимот во летниот преоден рок, Филип Костиќ и Бремер, не биле среќни, сметале дека тактиката на Алегри е погрешна, а слично мислење имал и Душан Влаховиќ кој сезонава не игра во најдобра форма, а се чини дека не е во најдобри односи со Алегри.