
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски денеска направија увид во текот на градежните активности на терен долж трасата на автопатот во изградба Охрид – Кичево.
Притоа беше најавено дека се става во употреба надвозникот на клучката кај село Подмолје, со што ќе се олесни сообраќајот на тој дел од магистралните патни правци Охрид – Кичево и Охрид – Струга, а истовремено ќе овозможи и асфалтирање на втората коловозна лента на тој дел од трасата.
Премиерот посочи дека интензивно се работи на делови од патот каде има свлечишта, а истовремено се изработуваат и проекти за стабилизирање на земјиштето што е мошне важно за завршување на целата траса.

– Станува збор за неколку километри кај селото Ботун, но и оние делови каде се поврзува тунелот кај Пресека…Кај Кичево има десеттина свлечишта, ваму има шест, така што очекувам од есенва да се работат теренски активности со што целата секција од Кичево до Охрид ќе биде стабилизирана и безбедна, рече Мицкоски.
Тој изрази задоволство од сегашната динамика на активностите на терен, со нагласок дека со несмалена динамика се работи на уште три автопатски делници и тоа Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, а ги посочи и покренатите јавни повици и тендерски процедури и за патните делници Блаце – Скопје и Букојчани – Кичево.
-Имаме огромна офанзива која очекувам да резултира со конечно завршување и заокружување на автопатската патна инфраструктура во Македонија, рече премиерот Мицкоски.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски, од своја страна истакна дека токму клучката кај Подмолје е само уште еден од наследените проблеми на кој погрешно се работело.
– Клучката била урната без да биде спроведена експропријација на земјиштето и без можност да биде изградена. Со доаѓањето на новата Влада решени се сите имотно-правни односи, ги решивме сите други административни проблеми, така што таа од денеска е функционална…рече тој.
Николовски во оваа прилика истакна дека приоритет на активностите во делот на автопатот во долниот дел на Дебрца на потегот од Климештани до Охрид се пристапните патишта.
– Овој пат беше испроектиран без ниту еден излез…Автопат на кој не беше предвиден ниту еден потпатник, а сега се работи на 16. Со потпатниците и натпатниците на кои се работи се решаваат сите населени места, така што нема да има село или населено место што нема да биде споено или директно на автопатот или до најблиската точка на спојување со автопатот…рече Николовски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, пред медиумите даде извештај за тоа што моментално се работи на трасата.

– На потегот од Климештани па се до Охрид значи активно се работи скоро на секој метар. Има многу механизација, многу изведувачи, многу подизведувачи. Сите заедно сме сплотени за да може оваа делница да ја пуштиме што поскоро. Се работи исто така на патот кај „Свети Еразмо“, веќе таму почна да се асфалтира. Се работи исто така на натпатникот овде кај Подмоље, каде веќе се бетонираат гредите од натпатникот за поврзување на Подмолје со регионалниот пат. Се работи и на пристапните патишта на Подмоље, Оровник и на Горенци каде без пристапни патишта не може да се пушти во употреба автопатот. Сите тие ќе се вклучуваат и исклучуваат на клучката кај аеродромот. Исто така, имаме уште еден дел на којшто интензивно се работи, а тоа гледано од Кичево кон Охрид, некаде после бензиската „Еко Петрол“ на левата страна. За среќа се заврши пред некој ден се бетонираше потпатнкот што долго време се работеше, и активно сега таму се асфалтира. Очекуваме дека за неколку дена и тој еден и пол километар, ќе бидат асфалтирани, со што левата лента од Климештани до Охрид, ќе биде целосоно затворена со асфалт и ќе може да се вози по неа, рече тој.
Трајановски уште посочи дека се поставува еластичната ограда на средишниот и на страничните делови на автопатот, на дислокација на кабли од двете страни на трасата, на поставува и на жичната ограда, согласно стандардите за модерен автопат.