Утрински Весник
Економија

Сојузот на здруженија на лозари бара плаќање на грозјето според шеќерни единици, инспекции кај откупувачи, субвенции за модернизирање

Grozje 1.webp.webp

Сојузот на здруженија на лозари бара плаќање на грозје според шеќерни единици, редовни инспекции кај откупувачи за да нема манипулации при откупот на грозје за претстојниот гроздобер,  субвенции за модернизирање со цел намалување на трошоците за производство, ова попладнево го соопшти претседателот Јован Златевски.  

– По објавувањето на цените за килограм грозје, иако овие цени се највисоки досега, револтот кај лозарите е очигледен, бидејќи овие цени не соодветствуваат со трошоците за производство на килограм грозје. Цените на другите  земјоделски производи годинава се многу повисоки од претходно. Но и цените за трошоци за производство на грозје се многу повисоки. Цената на грозјето е за неполн денар повисока од минатата година. Или, 18.9 денари за ,,смедеревка” и 21.3 за ,,вранец”. Затоа бараме плаќање на грозјето според шеќерни единици и почитување на шеќерноста при откупот, за да нема манипулации, инспектори да има на терен, информираше Златевски. 


Тој истакна дека се очекува квалитетен род од околу 100 милиони килограми грозје. Доколку се плаќало според шеќерни единици, нагласи дека цената за килограм ќе растела согласно на шеќерноста. Златевски додаде дека очекуваат годинава исто така откупувачите од други општини, да не им сопирале на лозарите по денар до два од килограм грозје, за превоз. 

Златевски подвлече дека винариите биле заинтересирани за околу 57 милиони килограми грозје. За да не се појави вишок, од Сојузот веќе било разговарано со претставници на Министерството за земјоделство, за непречен извоз на грозје од државата. 

Претседателот на Сојузот на здруженија на лозари информираше и дека ќе бараат од надлежните субвенции за модернизирање на лозаропроизводството, со цел намалување на трошоците на лозарите. Се мисли на модернизирање на лозовите насади и вклучување на машини за обработка, па дури и за берба на грозје. Тие субвенции, кога станувало збор за земјоделски задруги, изнесувале и до деведесет отсто. Значи, државата да им обезбедува плаќање на 90 отсто при набавката на комбајн за берба. 

– Се надеваме исто така дека од новиот закон за вино, ќе биде изземен членот, што предвидува дека за плаќање веднаш, на лозарите да им се задржат осум проценти од цената на грозјето, од страна на откупувачите. Тој процент да биде 3-4 проценти, истакна Златевски. 

Тој нагласи дека лозарите имаат надеж дека Министерството за земјоделство ќе ги има во предвид овие нивни барања и дека ќе им помогне, конечно по долги години, лозарството да биде на местото што го заслужува. 

Златевски додаде дека очекуваат и поголема транспарентност околу методологијата при утврдување производствена и откупна цена за килограм грозје.

Можете да прочитате

СДСМ: Мицкоски конечно призна дека државата доцни со поврат на ДДВ

Бензините и дизелот поскапуваат за 1,5 денари

Над 150 милиони евра од унгарскиот кредит префрлени кај бизнисот, во четврток состанок со општините за договорите од вториот повик