ФЗОРСМ ја известува јавноста во врска со забелешките од ревизорскиот извештај кои беа објавени во текот на денешниот ден од неколку медиуми, дека лиферираните информации се забелешки кои се однесуваат на 2021 година и по кои Фондот уште од минатата година постапува.
Конечниот извештај за извршена ревизија на ревизорите од Државниот завод за ревизија, доставен на 23 јануари 2023 односно минатиот месец, укажува дека „во текот на 2022 година отпочната е постапка за јавна набавка на услуги за изнајмување на приватен облак за примарен и секундарен податочен центар во Фондот и миграција на апликации и податоци со кои се очекуваше состојбата да биде надмината“
Јавната набавка е распишана на 30.09.2022 година, додека договорот е склучен на 09.12.2022 година, при што селектираната компанија започна со работа од 1 јануари 2023. Според планот и спецификацијата, првата фаза односно миграцијата на системската инфраструктура требаше да се реализира во текот на оваа недела, кога всушност се случил нападот, а после која фаза би почнала миграцијата на апликативна и податочна инфраструктура.
Анализата на експертските техничките тимови утврди дека при сајбер нападот нема излевање на податоци надвор од базите на Фондот.
Техничките тимови приоритет даваат на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на плати на здравствените работници, како и за другите форми на исплата односно боледувањата, породилното и рефундациите.
Во интерес на транспаретно и прецизно информирање на јавноста, во најбрз можен рок, и штом се утврдат повеќе информации, Фондот навремено ќе информира.