Утрински Весник
Македонија

Со проекција на филмот „Ривиера“, почнува Недела на франкофонски филм

20250622154501 big 730x400 62.webp.webp

Со проекција на филмот „Ривиера“ на Орфеас Перецис, во француска и грчка копродукција, вечер почнува Недела на франкофонски филм. Манифестацијата ќе се одржува во Кинотеката до 30 јуни оваа година.

Организатори се Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со амбасадите на земјите членки на Меѓународната организација на Францоконијата: Грција, Бугарија, Швајцарија, Романија, Северна Македонија, Албанија, Белгија, Франција и Канада.


Како што е најавено, настанот ќе го отвори Кристина Василату, вршителка на должност во Амбасадата на Грција во земјава, и Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за култура и соработка во Амбасадата на Франција.

Во рамки на Недела на франкофонски филм, утре ќе се одржи проекција на „Странецот“ на Ники Илиев, во организација на Амбасадата на Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар. В среда, 25 јуни, ќе биде прикажан филмот „Куче на суд“, на Летисија Дош, во организација на Амбасадата на Швајцарија. В четврток 26 јуни, ќе се одржи проекција на „Таа Нова година што никогаш не дојде“, на Богдан Мурешану, во организација на Амбасадата на Романија. В петок, 27 јуни, посетителите ќе може да го погледнат филмот „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец, во организација на Кинотеката на Северна Македонија, а потоа и филмот „Слогани“ на Ѓерѓ Џувани, во организација на Амбасадата на Албанија.

В сабота 28 март, најпрвин ќе се одржи проекција на „Вереницата на поетот“ на Јоланда Моро, во организација на Амбасадата на Белгија во Софија, а малку подоцна ќе биде прикажан филмот „Вашите лица секогаш ќе ми бидат пред очи“, петкратен добитник на наградите Цезар, на Жана Ери, во организација на Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција.

В понеделник 30 јуни, со проекција на филмот „Ру“, на Шарл-Оливие Мишо во организација на Амбасадата на Канада во Белград, ќе биде затворена манифестацијата.

Сите филмови се со превод на македонски јазик, а за дел од филмовите од нефранкофонско говорно подрачје обезбеден е и превод на француски јазик.

Можете да прочитате

МВР: Левица имаат за цел да ја дезинформираат јавноста

МНР организира уште една евакуација на македонски државјани од Израел

Со предложените законски измени се укинува Агенцијата за промоција на туризмот