Утрински Весник
Македонија

Со правосудните закони Србија се оддалечува од ЕУ, ќе го следи Скопје Белград наместо Брисел?

Srbijamakedonija.jpg

Српското Собрание ги усвои а српскиот претседател Александар Вучиќ ги потпиша измените на сет закони важни за работата на правосудството.

Реакциите на стручната јавност во Србија, но и на претставници од ЕУ се дека со ваквите закони се загрозува професионалноста на судството, а истовремено државата се оддалечува од Унијата, рбаотејќи спротивно на препораките од Брисел.

Согласно измените на законите, практично се десеткуваат капацитетите на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал.

Мандатот на повеќе од половина обвинители би завршил веднаш, а случаите што тие ги водат (меѓу кои има и предмети против актуелни државни функциониери) би застанале или би се пролонгирале.

На сето ова реагираше и еврокомесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос која побара законите да се ревидираат.

„Кога една земја е кандидат за европска интеграција, а Србија е, очекуваме таа да се однесува во согласност со европските вредности. Ова претставува сериозен чекор назад, бидејќи амандманите беа усвоени во многу брза и нетранспарентна постапка, без никакви консултации“, рече Кос.

Сличности со Македонија

Ако се направи споредба соситуацијата во Македонија се чини дека двете влади онаа на СНС во Србија и онаа на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија водат слична политика во судството.

Во Македонија актуелен е изборот на нов државен јавен обвинител, откако досегашниот Љупчо Коцевски самиот си замина не дозволувајќи да биде разрешен.

Трагедијата во Кочани не дозволи тој да биде разрешен многу порано откако уште пред една година Владата на Мицкоски “тргна по неговата тога“, но сепак на крајот Коцевски замина оставајќи многу недоумици за тоа кој ќе го наследи.

Дополнително, како аналогија на настаните во Србија секако можат да се додадат и случувањата во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

За таканаречено copy-paste сценарио во Македонија и во Србија укажуваат и од опозициската СДСМ.

„Европратеникот Владимир Пребилиќ, член на словенечката зелена партија Весна (Greens/EFA) наведува дека и Македонија и Србија имаат проблем со реформите во правосудството. Реформите на правосудството предизвикуваат сериозна загриженост, особено кога станува збор за независноста на судството. Неспроведувањето на реформите, корупцијата и криминалот, независноста на судството стануваат сериозна пречка“ велат од СДСМ.

Оттаму, додаваат дека СДСМ во неколку наврати предупредувала на опасната анти ЕУ кампања која по ист рецепт ја спроведува ВМРО во Македонија како СНС во Србија.

„Намерно се отвораат конфликти со соседите, намерно се обвинува Унијата, за да се оправда изолацијата и да не се спроведат реформите“ стои во соопштението на СДСМ.

Европската комисија во последниот Извештај за Македонија нотираше сериозни слабости во правосудството, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и во работењето на Собранието.

Сепак и покрај декларативната заложба на актуелната власт, нема конкретни чекори за подобрување на состојбите во овие сектори, напротив, се чини дека ситуацијата е во тренд на дополнително влошување.

Можете да прочитате

Протест – 24info.mk

Пуштена во употреба реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово

Во Кочани ќе се гради патека на бесконечност за загинатите во Пулс