Утрински Весник
Македонија

Со посебен закон ќе се спречува изградба на катна гаража зад Собранието, вели Гаши

Sobranie.webp.webp

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите информираше дека со посебен закон ќе се спречи изградбата на катната гаража со деловен простор веднаш зад Собранието. Со овој закон околината на Парламентот ќе биде прогласен за безбедносна зона.

„Најголемо внимание во подготовката на законот е обрнато на начинот како ќе биде обесштетен сопственикот на земјиштето, затоа што се работи за приватна сопственост, а законот мора да биде во согласност со Уставот“, рече Гаши.


Тој не прецизираше дали се предвидува национализација или експропријација на земјиштето, ниту пак, дали имаат процена колку пари ќе чини обесштетувањето на сопственикот.

„Веднаш откако почна да работи овој состав на Собранието формирав работна група, во која се претставници на сите надлежни институции, за да го решиме овој долгогодишен проблем. За жал, земјиштето зад Собранието е продадено на приватно лице, кое сакаше да изгради катна гаража. Три дена по мојот избор за претседател на Собранието, багерите веќе дојдоа. Работата беше сериозна. Во работната група дојдовме до едно законско решение, кое е 99 отсто завршено и со кое околината на објектот на Собранието ќе биде прогласена за безбедносна зона. Такви се сугестиите на безбедносните служби и така ќе се реши проблемот“, рече Гаши.

Тој додаде дека кога нацрт-законот е биде целосно готов, ќе им го дадат на сите пратенички групи.

„Ова е државен интерес, на сите граѓани и сакаме овој закон да го изгласаат сите пратеници. Законот ќе го промовираме кога ќе биде целосно готов, затоа што можеби ќе има и други предлози од пратеничките групи. Но, ние, како работна група и како институција сакавме да предложиме едно долгорочно и содржајно решение“, рече Гаши.

Тој најави дека во текот на февруари ќе го испрати законот на пратениците, а брзината на неговото усвојување ќе зависи од пратеничките групи.

Можете да прочитате

ВМРО-ДПМНЕ бара на најстрога казна за возачот кој усмрти 22 годишна девојка на Партизанска

Изет Меџити: Србија е полудемократски режим

Граѓани повикуваат на протест по смртта на Фросина