Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман учествуваа и имаа свои обраќања на воведниот настан за имплементација на Програмата за управување, користење и заштита на подземните води во Република Северна Македонија.
– Денес сме тука на почетокот на уште една соработка, овој пат насочена кон обезбедување на одржливо управување со подземните води како ресурс што е од исклучително значење не само за одржливиот развој на државата, туку и генерално за опстанокот на екосистемите, особено во услови кога се видливи последиците од променливата клима – истакна министерката Шукова во својот воведен говор.
Таа објасни и дека Програмата за управување, користење и заштита на подземните води е конципирана врз принципите на современи концепти и пристапи за управување со подземните води, кои се фокусираат на ефикасно спроведување и одржливо користење на ресурсите.
– Од Програмата очекуваме поддршка во воспоставувањето на долгорочно, повеќестепено и системско управување со подземните води, што ќе овозможи заедничко, ефективно и транспарентно управување со подземните водни ресурси – рече министерката Шукова, додавајќи дека за нејзина успешна реализација потребни се координирани акции во повеќе правци, вклучувајќи целосно усвојување и имплементирање на законодавната рамка за води и релевантните директиви на ЕУ, како и континуирано инвестирање во едукација на експерти за подземни води – кои ќе бидат клучен двигател кон одржливото управување со подземните води во Северна Македонија.
Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман истакна дека во текот на последните дваесет години Швајцарија инвестира во нашата држава за подобрување на пристапот кон вода за пиење, финансирање на капацитетите за прочистување на вода и заштита на животната средина.
– Со оваа нова програма ќе ја поддржиме Северна Македонија во подобрување на управувањето, користењето и заштитата на подземни води на одржлив и транспарентен начин – рече таа.
Целта на Програмата е да ја поддржи Северна Македонија во воспоставување на долгорочно, повеќестепено и системско управување со подземните води, и да ги подобри капацитетите на државните служби, на давателите на услуги како и на граѓанското општество да ги спроведат одредбите за интегрирана рамка во управување со водите согласно со барањата на правото на ЕУ за животната средина.
Вкупно предвидените средства за реализација на Програмата се во висина од 530 илјади швајцарски франци. Програмата е конципирана како десетгодишна програма, а имплеменатацијата на првата фаза треба да заврши до декември 2027 година.