
Со минута молк денеска започна традиционалниот марш по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената. Настанот стартуваше во 12 часот од паркот „Жена борец“, во организација на повеќе граѓански иницијативи и здруженија.
Организаторите повикаа сите кои сакаат да се приклучат на маршот да дојдат со цвеќе, без партиски обележја, и да не подлегнуваат на евентуални провокации.
„Маршот е чисто граѓански протест против системското долгогодишно бришење на жените. На него имаат право да се приклучат сите граѓани и граѓанки. Забранети се партиски и институционални обележја, бидејќи протестот е граѓанска иницијатива и не смее да се партизира“, порачаа организаторите.
Овие маршеви традиционално се организираат секоја година на 8 Март со цел да се укаже на правата на жените, родовата еднаквост и предизвиците со кои се соочуваат жените во општеството.

