Со фармерки, голи глуждови, патики и спортска јанка, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска се појави на утрената богослужба во храмот на Воскресение во Ерусалим. По објавените фотографии, нејзиниот стајлинг наиде на критики, особено бидејќи станува збор за голем црковен настан, а министерката е во друштво на свештени лица.
„Кај ојш мори чупе по фармерчиња, Цапари на панаѓур?“, е еден од коментарите на фотографиите објавени од Владата.
„Макфакс“ побара мислење од Лукреција Маљјовиќ-Атанасовска која е основач и директор на Академијата за протокол.
Таа вели дека кодексите на облекување се посебно специфични кога станува збор за црковни објекти и храмови, а нашите претставници треба да заборават на џинсот кога одат во службена функција.
„Секогаш мора да се провери каков дрес код се очекува, дури и при обична туристичка посета, а камоли во склоп на државна делегација на свечена литургија на еден од најсветите христијански празници! Понекогаш не е потребен ни протокол туку здраворазумско чувство за тоа што е прикладно, а што не. Претставувате држава, црква, народ – фармерки и патики не се во ниеден официјален протоколарен кодекс, тоа е облека за во парк и нашите претставници треба да заборават на џинсот кога одат во службена функција!!! Ова е уште еден пример како еден олку значаен момент е засенет од гаф којшто многу лесно можел да се избегне доколку делегацијата имала соодветна протоколарна подготовка“, вели Маљјовиќ-Атанасовска за „Макфакс“.
Министерката неколку часа подоцна, за време на преземањето на светиот оган во Црквата на Светиот гроб во Ерусалим се појави облечена во црно сако, црна свечена панталона и бела кошула.
За првпат владина и црковна делегација директно од Ерусалим го носи во Македонија благодатниот оган. Државната делегација во Ерусалим ја предводи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во состав се министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Во црковната делегација се повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.