
Алијанса за Албанците, крилото на министерот Арбен Таравари, јасно ја поставува својата позиција во однос на учеството во Владата. Пратеникот Халил Снопче вечерва изјави дека штом премиерот Христијан Мицкоски даде сигнал дека не го гледа местото на Алијанса во Владата, тие веднаш ќе се повлечат.
„Првиот момент кога Мицкоски ќе даде сигнал дека местото на Алијанса за Албанците не е во Владата – ние веднаш ќе излеземе“, рече Снопче, одговарајќи на хипотетичко прашање како би постапиле доколку премиерот го поддржи ставот дека Алијанса не може да биде и со ДУИ и во Владата.
Снопче потсети на неговите претходни ставови:
„Јас во една емисија еднаш реков – ако Законот за бранители се донесе или ако се чепка Законот за јазиците, коалицијата ‘Вреди’ ќе ја напушти Владата. Мицкоски веќе следниот ден реагираше – ‘нека им е среќен патот’. Јас не се пишманев, ја повторив таа моја изјава.“
Тој посочи дека, иако не може да зборува во име на целата коалиција „Вреди“, како пратеник на Алијанса за Албанците зборува со сигурност – има црвени линии што не смеат да се преминат. Ако тоа се случи, нивната одлука е јасна: повлекување од Владата.