По извршениот вонреден инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, денес на барање на министерот за здравство, Фатмир Меџити формирана е комисија за стручен надзор во врска со случајот со родилката што скокна од прозорец од Скопје.
„Комисијата за стручен надзор, составена од двајца гинеколози, психијатар, клинички психолог и претставник од МЗ има задача да изврши надозр над стручната работа во ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во врска со лекарскиот третман на родилката“, велат од Министерството за здравство.
По добивање на извештајот од стручен надзор јавноста ќе биде информирана за констатираната состојба.
Исто така, како што се нагласува, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно извештајот на инспекторатот.
ДСЗИ претходно констатираше дека ГАК направиле пропуст оти докрај не и’ обезбедиле психијатар на родилката што скокна од прозорец.
„Од извршениот надзор во ЈЗУ УК ГАК констатиран е пропуст во делот на реализирање на конзилијарните прегледи побарани во два наврати за родилката, со оглед на тоа што истите не се реализирани. Во врска со наведеното ДСЗИ, со решение ќе наложи на одговорните лица на ЈЗУ УК ГАК спроведување на постапка за утврдување на одговорност од страна на здравствените работници кои до крај не ја спровеле постапката за обезбедување на доктор, специјалист по психијатрија“, велат од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
ГАК реагираше по извештајот на инспекторатот, тврдејќи дека проценката од стручното лице во случајот со родилката била дека се работи само за знаци на лесна вознемиреност.