Утрински Весник
Македонија

Случајот Енвер Беџети – Симбол на заробениот правосуден систем

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф. д-р. Јове Кекеновски

Случајот со судијата Енвер Беџети претставува жив доказ за длабоко вкоренетата корупција и заробеноста на македонскиот правосуден систем. Иако САД го ставија на „црната листа“ поради сериозни индиции за корупција и трговија со влијание, домашните институции со месеци одолговлекуваат и симулираат активности, без да преземат реални мерки за негова кривична и материјална одговорност.


Овој случај не е само за индивидуално однесување. Тој открива постоење на долготрајна, организирана мрежа за заштита внатре во институциите, особено во Судскиот совет и Обвинителството, каде одредени лица, често политички блиски, со години го штителе Беџети од било каква одговорност.

Познато е дека Беџети со месеци, па дури и со години, ги чувал предметите во фиока, клучни случаи како „Таргет-Тврдина“ и „Транспортер“, со што овозможил истите да застарат. Тоа не е случајност, туку свесна саботажа на правдата. И покрај медиумските и јавни притисоци, надлежните институции не реагираа соодветно што јасно укажува на договорена заштита.

Најилустративен е примерот од јануари 2023, кога комисијата на Судскиот совет утврди дека Беџети намерно го чувал во фиока предметот за Сашо Мијалков. Наместо итно разрешување и кривична постапка, тој беше казнет само со 20% од платата. Тоа не е санкција, тоа е исмејување на јавноста и плукање врз правдата.

Беџети не може и не смее да биде третиран како изолиран случај. Потребна е целосна одговорност за сите кои го штителе вклучувајќи го членот на Судскиот совет С.А., и сите оние кои учествувале во блокирањето на неговото разрешување и одговорност. Системот мора да се исчисти од политички поставени, недостојни и неспособни судии.

Овој случај отвора многу пошироки прашања и тоа не само правни, туку и политички и етички. Тој ја покажува неодговорноста на институциите, многу ниско ниво на стручност и морал кај дел од судиите и обвинителите, како и постоењето на мрежи кои системски штитат корумпирани функционери.

Доста беше глумење правда. Време е за итна и вистинска кривична и материјална одговорност.

Можете да прочитате

Со околу 14 милијарди денари ќе се финансираат инфраструктурни проекти во општините, потпишани договорите од вториот повик

Потпишана Заедничка декларација за царинска соработка со Министерството за трговија на Турција – заедничка борба со организираниот криминал и забрзување на легалната трговија

Сопругот на директорката на централен регистар, потпретседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и сопругата на починатиот Игор Југ избрани на огласот на М-НАВ, поради кој ќе штрајкуваа контролорите на летање