
Последните настани во Демир Хисар предизвикаа лавина од реакции и критики во јавноста, кои повторно го отворија прашањето за приоритетите и селективната примена на законот во државата.
Случајот, во кој полицијата со судска наредба спроведе претрес во домот и службените простории на директорка на училиште поради сомнение за кривично дело „одземање или уништување службен печат или спис“, прерасна во медиумски и општествен скандал. Видеото и сведоштвата дека жената, наводно со нарушено здравје, требало да биде пренесена на носилки во полиција за информативен разговор, ја разгневија јавноста.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска отворено реагираше: „Криминалците, насилниците, убијците, измамниците, корумпираните политичари… се шетаат слободно низ државата. Ама за печат од училиште се ангажира специјална единица?“. Инфлуенсерката Ина Многуфина додаде дека сцената личи на „манифестација на моќ“ и „покажување сила врз послаби и немоќни“, во време кога вистинските криминалци се недопирливи.
Од снимката се слуша како полицаец инсистира директорката веднаш да биде сослушана, иако адвокатот на лицето укажува дека судската наредба дозволува претрес во рок од 15 дена и дека распитот не е итен. Обвинителството Битола потврди дека не издало наредба за приведување или итен распит, што дополнително ги засили сомнежите за прекумерно постапување.
Министерството за внатрешни работи во соопштение наведе дека постапувало врз основа на наредба од Основниот суд Битола и дека претресот бил извршен во согласност со законот. Сепак, Одделот за внатрешна контрола отвори постапка за да ги испита реакциите и постапувањето на полициските службеници.
Овој случај повторно ја отвора вечната дилема: дали законот во Македонија важи еднакво за сите, или државниот апарат селективно ја насочува својата енергија – силно и спектакуларно кон ситни случаи, а премолчува или толерира случаи со вистинска тежина и штета за општеството. Во земја во која неретко се гледаат фотографии на трговци со дрога и оружје во друштво со политички функционери, а големи корупциски скандали завршуваат без епилог, сцените од Демир Хисар изгледаат како карикатура на правдата.
Повикувањето на „законот“ не е доволно – јавноста бара доследност, пропорционалност и правичност во постапувањето. Сè додека тоа не се случи, ваквите „акции“ ќе останат симбол на погрешни приоритети и политичка немоќ пред вистинските проблеми.