Во дигиталната судница во затворот „Идризово“ во Скопје денеска започна судењето за предметот „Адитив“, со 37 обвинети. Ова е прво судење во дигиталната судница. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Меѓу обвинетите за овој случај се и двајца поранешни директори на државната Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој сè уште е во бегство и неговиот наследник Васко Стефанов.
Ковачевски е обвинет за несовесно работење во службата, за неколку кривични дела се товарат Стефанов, како и ексдиректорите на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски. Тие во период од април во 2023 година до август во 2024 година, создале група со цел вршење на кривични дела. Според обвинението, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. На фирмата „Браинкоде“ која го добила тендерот и овозможиле да се стекне со имотна корист од 6,4 милиони евра.
На судењето сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни, додека, Обвинителството истакна дека има цврсти докази и дека ќе ја докаже вината.
Покрај тоа што ќе го докажеме сторувањето на кривичните дела, ќе ја докажеме и моралната и институционална распаднатост во АД ЕСМ во период кога обвинетите управувале со правното лице. Пред нас стои организирано и злосторничко здружување на кое државата им го доверила производството на електрична енергија. Наместо чесно да ја исполнат својата должност и да се оддолжат на државата што им поклонила верба да раководат, избрале да злоупотребат. Ова е удар врз граѓанинот кој со секоја платена сметка верува дека системот за производство на електрична енергија функционира, рече обвинителката Наташа Поп Трајкова.
Меѓудругото обвинителката рече дека ќе докажат дека јавниот интерес бил свесно запоставен, а набавениот адитив предизвикал и штетни последици по здравјето на граѓаните. Набавката на адитив немала за цел да се обезбедат услови, туку да се стекне противправна имотна корист.