Во Словенија в недела, 23 октомври, ќе се одржат претседателски избори, седми по ред од осамостојувањето, а доколку има втор круг, тој ќе се одржи на 13 ноември. Словенечките гласачи в недела ќе го изберат наследникот на актуелниот претседател Борут Пахор, чиј втор мандат истекува во декември и, според Уставот, тој повеќе нема право да се кандидира за функцијата.
Според предизборните анкети, најголема предност има кандидатот на Словенечката демократска партија (СДС) Анже Логар, а зад него се независната кандидатка Наташа Пирц-Мусар и кандидатот на сепаратистичкото Движење за слобода и социјалдемократите, Милан Беглез.
Според анкетата спроведена од агенцијата „Парсифал“ за ТВ-каналот „Ново 24“, најголем број од испитаниците, 27,1 отсто, би гласале за поранешниот шеф на дипломатијата и кандидат на опозицијата – Логар, на второ место е адвокатката Наташа Пирц-Мусар, која ја има поддршката од 19,9 отсто, а потоа е европратеникот Милан Брглез со поддршка од 10,7 отсто, објави во понеделникот словенечката агенција СТА.
Словенечките граѓани ќе го изберат новиот шеф на државата меѓу седумте кандидати. Изборниот молк стапува во сила на полноќ.
Пахор ги повика граѓаните да излезат на гласање и да изберат кандидат што ќе работи за единство и добри односи со земјите од регионот и за меѓународниот углед на Словенија.
„Во периодот пред нас ќе ни треба обединета и силна национална и граѓанска заедница“, рече Пахор.