
Наредните два изборни циклуси – локалните избори кои следат, и парламентарните избори-кога и да се одржат, ќе бидат борба за две големи работи од кои зависи иднината на државата. Првата е правдата и борбата против системот кој ги штити криминалците, против криминалот и корупцијата, а втората спроведување реформи. Борба ќе има и за враќање на Македонија на вистинскиот пат, за враќање на нејзиното достоинство, нешто што минатата власт не го направила – рече вечерва премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 34. Конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, следуваат избори на кои ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата убедливо ќе победат и ќе испратат порака дека времето на Македонија доаѓа, а завршува времето на деструкцијата, негрижата, криминалот, распородажбата на македонските интереси.
Ја слушам опозицијата – рече Мицкоски, се фали како ги поставила темелите на државата.
-Затоа одовде сакам да ги прашам кои темели ги градевте вие. Дали оние кога во времето на транзицијата ја ограбивте и опустошивте Македонија, кога нашите родители губеа работа, кога имаа неизвесна егзистенција за себе и своите семејства. Дали за тие темели зборувавте или пак за оние темели кога го менувавте името, знамето и го прифаќавте срамниот договор со Бугарија ставајќи ја Македонија во поредена улога – праша Мицкоски.
Тој додаде дека претходната власт, сега опозиција е уплашена затоа што знае дека оваа генерација, оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во изминатите година дена врати голем дел од позициите на меѓународен план од тоа што тие од СДСМ го продадоа.
-И денеска со гордост ја раскажуваме нашата приказна за Македонија во Минхен, победуваме и во Берлин и во Лондон и во Брисел и во Вашингтон, зборуваме за нашата Македонија. Тоа ги боли затоа што се кукавици и знаат што направија и затоа што знаат какви шајки коваа на рацете на македонскиот идентитет, а ние го враќаме. Ќе се бориме целосно да го вратиме. Не знам дали ќе успее да го врати оваа генерација, но знам дека ќе оставиме на вас, на генерациите кои доаѓаат подлога да сето она што овие од СДСМ го продадоа, достоинствено со крената вглава да го вратите за Македонија и македонските граѓани – истакна македонскиот премиер.
Тој се осврна и на Резолуцијата за Македонија што треба да биде донесена во Брисел и истакна оти позади нас се денови кога се бореле таа да биде усвоена, бидејќи во неа за првпат од осамостојувањето на нашата татковина се зборува за посебен македонски вековен идентитет, за посебен македонски јазиј за наследство кое е старо со векови…
-Кога не гледаа како се бориме молеа бога да не успееме. Кога гледаа како аргументираме и на маса ја добиваме битката се молеа да не успееме. Им олесна кога Во Брисел одлучија извештајот да го поместат за 24 јуни. Но, нема бегање. Тој извештај ќе биде усвоен затоа што цела Европа и Брисел знаат за вековниот посебен македонски идентитет и македонски јазик и тоа ќе го поддржат – рече Мицкоски.
Смета дека политиката на СДСМ и коалицијата е политика без вредности, оти тоа, рече, се национално исплакнати луѓе, кои ги интересира само материјалното, парите и моќта и оти би потпишале и прифатиле се само да бидат оставени на власт или повторно да ја освојат.
Тој се осврна и на ДУИ, која беше дел од претходната влада, и потсети оти го исполниле своето ветување оти оваа партија нема да биде дел од новата влада туку опозиција.