
Советот на Град Скопје денеска донесе одлука еден стан во сопственост на градот да се користи како безбеден и привремен дом за жртви на семејно и родово базирано насилство. Новиот простор ќе обезбеди итен смештај, стручна поддршка и грижа до стабилизација на ситуацијата.
„Ова е силна и јасна порака дека ниту една жена и ниту едно дете не смеат да останат сами во моментите кога им е најтешко. Градот Скопје создава безбедно место кое ќе биде подадена рака, засолниште и нов почеток“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Со отворањето на првиот градски шелтер-центар, Скопје ги зајакнува политиките за заштита, поддршка и превенција од насилство, создавајќи систем што нуди институционална грижа и достоинствено опоравување.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Затоа ова е само почеток. Ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, додаде градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот подготвува јавен повик за организација со искуство во социјална заштита, која ќе го управува просторот. Оваа иницијатива означува нова фаза на одговорно и човечно работење со цел Скопје да стане град без насилство, со достапна поддршка за секој што ја бара.

